Фото: Игор Бансколиев

Непосредно пред вториот круг на локалните избори, ДИК
„се сети“ да носи упатство за важечки и за неважечки ливчиња, кое набрзо потоа беше повлечено. Оваа најнова правна конфузија доаѓа по редицата забелешки и пропусти од првиот круг на изборите, кога имаше проблеми со апаратите за читање отпечатоци од прсти, но беа регистрирани и огромен број неважечки гласачки ливчиња. Според правните експерти, ваквите пропусти се недозволиви и се одраз на партизација на изборната комисија, наместо нејзина професионализација. Единствено што треба ДИК да прави е стриктно да се држи
до законите и ништо повеќе

КОНФУЗНИТЕ ПОТЕЗИ НА ДРЖАВНАТА ИЗБОРНА КОМИСИЈА ГО НАРУШУВААТ КРЕДИБИЛИТЕТОТ НА ИЗБОРНИОТ ПРОЦЕС

Краткотрајната предизборна епизода што ја приреди ДИК со менување, па повлекување на упатството за важечки и за неважечки ливчиња, беше своевидна потпалувачка искра за реакции во јавноста дека тоа претставува подготовка на теренот за толеранција на можни изборни нерегуларности во вториот круг на локалните избори, што треба да се одржи в недела на 31 октомври. Претседателот на ДИК, Александар Даштевски, и членот на Комисијата, Борис Кондарко, објаснија дека првичната измена на упатството, со кое требаше да бидат признаени за важечки и избирачките ливчиња без печат од избирачките одбори, произлегла од пресудата на Управниот суд за избирачкото место во Шуто Оризари. Во пресудата судот констатира дека е недозволиво поради пропусти на избирачкиот одбор, односно неставање печат, гласачките ливчиња да се прогласуваат за неважечки, со што се наштетува на правото на глас на гласачите, но се влијае и на крајниот изборен резултат.
Предложената измена, која сега е поништена, предвидуваше за важечки да се сметаат и гласачките ливчиња без печат, во ситуации кога е направен пропуст од страна на избирачкиот одбор. Во оваа ситуација за важечки ќе се сметаат само ливчињата со задолжителен печат. Втор круг од локалните избори ќе има во 44 општина, а поради пропустот со печатот на избирачкото ливче, прегласување на првиот круг ќе има во Шуто Оризари и на едно избирачко место во Дебар, поради пропусти во записникот.
Претседателот на ДИК, Александар Даштевски, потенцираше дека определувањето на важечко или неважечко гласачко ливче е опишано во членот 110 и 115 од Изборниот законик, додека постапката за гласање се пропишува со членот 109 од Изборниот законик.

– Со вчерашното упатство не е направен прекршок, во ниту еден од наведените членови на Изборниот законик. Исто така, укажуваме дека на самото гласачко ливче е испечатен бројот на гласачко место каде што припаѓа ливчето, со што се спречува и каква било друга манипулација со него – рече Даштевски.
Она што е забележително по првиот круг на локалните избори е големиот број неважечки гласачки ливчиња, (околу 60.000), но сѐ уште не е отворен избирачкиот материјал за да се знае колку од нив се неважечки поради тоа што недостига печат на избирачките ливчиња. Податокот со неважечките изборни ливчиња, дополнето со интервенциите на ДИК со менување на упатствата меѓу два изборни круга, предизвикува прашања колку таквите постапки влијаат на компромитација на легалноста на изборниот процес.
– Базично правило е дека со подзаконски акт, како упатство само може да се операционализира одредена законска норма. Со упатство не може да се нормира нешто што законот го забранува. Само со Устав и со закон можат да се пропишуваат права и обврски на граѓаните. Во таа смисла, менување упатство за (не)важност на избирачките ливчиња од страна на ДИК, меѓу два изборни круга, за нешто што е јасно наведено со Изборниот закон, остава простор за сомневање во способноста на членовите на Комисијата да го спроведат изборниот процес. Доколку се појави едно гласачко ливче повеќе од регистрираните излезени гласачи, законот е јасен дека гласањето се поништува и не треба да се дебатира, прегласува, надгласува и да се бараат модалитети за адаптирање на законот за потребите на очигледно нерегуларна ситуација. Едноставно се постапува според закон – вели универзитетскиот професор по управно право Борче Давитковски.

Во контекст на сите пропусти и забелешки што се случија во првиот изборен круг, почнувајќи од проблемите со читачите на отпечатоци од прсти, големиот број неважечки ливчиња и сега со интервенциите во Изборниот законик преку упатства за важечки и за неважечки ливчиња, професорот Давитковски одговорноста ја гледа исклучиво во составот на ДИК, а не во избирачките одбори.
– Одговорноста за организирање и спроведување на изборниот процес е целосно на ДИК. За проблемот со читачите на отпечатоците од прстите, одговорен е ДИК, а не членовите на избирачките одбори, зашто не спровеле соодветни обуки и не организирале соодветен пристап до базата на податоци на МВР. Во тој поглед, фијаското со читачите на отпечатоци оди исклучиво на сметка на ДИК. И со другите пропусти и решенија што ги носат во од, во голема мера оставаат простор за сомневање дека може да биде загрозено избирачкото право на граѓаните да избираат и да бидат избрани – вели професорот Давитковски.
Изворот на слабостите на ДИК, професорот Давитковски го гледа во состојбата што принципот на избор на членовите на Комисијата е партизиран, односно партиите ги предлагаат членовите. На тој начин партиите го партизираат изборниот процес, а посредно и правото на граѓаните да избираат и да бидат избрани. Тој смета дека членовите на ДИК треба да бидат професионалци и го наведува примерот на Канада, каде што еден изборен комесар ја извршувал таа должност 40 години.