Наместо да им помогне на оние кои што се погодени од кризата, власта разочара од досегашниот пристап, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по посетата на Старата Скопска чаршија.

Од ова место, како што потенцираат од партијата, ВМРО-ДПМНЕ ја започнува подготовката за локалните ибори.

Преку разговорите со занаетчиите, Мицкоски бил запознаен со нивната економска состојба.

– Занаетчиите ја пренесоа нивната загриженост околу моменталната економска состојба во државата. Се разбира ја споделија грижата и од последиците од пандемијата кои што самите ги чувствуваат и околу тоа како понатаму ќе се развива државата – рече Мицкоски.

Тој додаде дека проблемите на граѓаните се големи, а власта се обидува да прикаже розева слика, додека, реалноста како што рече е сосема поинаква.

– Реалното чувство на граѓаните, на стопанствениците, на занаетчиите е сосема спротивно од она што се обидува владата да ни го прикаже. Тука денеска почнуваме симболично, продолжуваме понатаму секој ден. Покрај ова ќе имам состаноци и со комитетите на партијата, излегуваме на терен и очекуваме голема победа – истакна Мицкоски.