Работата од дома е наметнат тренд за време на пандемијата на корона. Таа превентивна безбедносна мерка против ширењето на вирусот се покажа како успешна. Но се покажува дека со работењето од дома, практика е да се запостави ергономијата при вршењето на професионалните обврски. Удобната и пред сѐ правилна положба на телото при вршењето на професионалните обврски се од исклучително значење
Пандемијата ги претвори трпезариските маси и спалните соби во импровизирани канцеларии
Најлоша е позицијата на телото кога работите в кревет или седнати на кауч, држејќи го лаптопот во скутот. Екранот би требало да биде во висина на очите, а грбот да има цврст потпирач и да биде исправен.
За време на пандемијата, луѓето ги претворија резервните соби, трпезариските маси и спалните во импровизирани канцеларии. Но мал број од нив знаат како да ги направат овие нови работни простори ергономски безбедни. Многу сликовито ова го објаснува Кермит Дејвис, експерт по канцелариска ергономија на Медицинскиот универзитет во Синсинати.
– Лаптопите се дизајнирани да служат како краткорочна опција. Би требало да ги користите неколку часа додека сте на пат. Не се наменети за користење осум или девет часа дневно – вели тој.
Користењето преносни компјутери во текот на неколку работни дена во неделата полека го зема својот данок во форма на болка и вкочанетост во грбот, рамената и вратот. Проблемот е во тоа што екранот на лаптопот е помал, па често мора да гледате надолу, затоа што се наоѓа под нивото на очите.
Секогаш сме во искушение да работиме легнати на кревет, а токму тоа е најлошата варијанта за нашето здравје.
Седум од десет Британци што работат од дома се жалат на болки во грбот, вратот, рамената и во колената
Една скорашна анкета покажа дека седум од десет Британци што работат од дома се жалат на повеќе болки во грбот, вратот, рамената и во колената, поизразени проблеми со напрегање на очите и почести главоболки.
Откако спровел детални анализи на голем број фотографии од разни домашни канцеларии што луѓето ги импровизирале за време на пандемијата, Дејвис идентификувал неколку клучни проблеми. Така, на пример, многу столови имале погрешна висина: 41 отсто од нив биле прениски, а 2 отсто превисоки.
Додека работеле на компјутер, потпирачот на столот не го користеле дури 69 отсто од луѓето, а често немале поддршка ниту за долниот дел од `рбетот. Позицијата на екранот често била премногу ниска или странична, а во три четвртини од случаите станувало збор за лаптоп што се наоѓал премногу ниско во однос на висината на очите.
Препораки на експертите за канцелариска ергономија
Ако лаптопот ви е поставен во скутот, совет е да се стави под него голема перница или нешто слично, за да го поткренете екранот.
– Сепак, најдобро е да се обидете да работите седнати пред маса или биро. Ако имате можности за тоа, поставете го вашиот лаптоп на некаква подлога (може да послужат неколку книги или некаква кутија) и користете надворешна тастатура и глувче – се препорачува на американскиот портал „Хафпост“.
Според Дејвис, одморајте се од работа на секои 30 минути, зашто тоа ќе помогне во намалениот ризик за оштетување на грбот, рамената и вратот. Нашето тело не сака постојано да биде во иста положба.
Сублимирани совети за зголемување на степенот на „канцелариската“ ергономија
Од анкетата со повеќе граѓани што работат од дома е констатирано дека, без исклучок, по неколкумесечна работа од дома, сите чувствуваат телесни нелагодности, вкочанетост, па дури и болки во одреден дел од телото, за што сметаат дека е „виновна“ работата од дома.
Во таа насока, се консултиравме и со физиотерапевтот на ракометниот клуб Металург, кој за читателите на „Нова Македонија“ ги даде следните совети за зголемување на степенот на ергономија при работа од дома:
– Најпрво, обрнете внимание да го повлечете столот поблиску до масата, така што ќе можете да седите поисправено.
– За идеална работна положба, врвот на мониторот да биде точно пред вас и во висина на вашиот поглед, а тастатурата да биде на висина што овозможува подлактиците да бидат паралелни со подлогата (лактите да се приближно под агол од 90 степени), а предниот раб на работната површина да биде мек или заоблен.
– Ако потпирачите за рацете на столот се премногу ниски, подигнете ги или приспособете ги така што ќе ги завиткате со некаква ткаенина за да ги направите повисоки.
– Ако работниот стол е низок, задолжително да се стави перница за да се зголеми висината на седење.
– За потпирање на грбот, на потпирачот на столот, да се стави друга перница зад грбот, при што ќе се овозможи исправеност на ’рбетот и постабилна поддршка,
– стапалата да не „висат“ надолу.
– Да се направи или импровизира подлога од книги или кутии за потпирање на стапалата.
– Бутовите при работењето на компјутер или лаптоп треба да бидат речиси паралелни со подот, а колковите малку повисоко од колената.
– Ако не можете да си дозволите купување нов ергономски исправен стол, најдобро би било да се обидете да работите наизменично – стоејќи и седејќи…