Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеи изјави дека лидерите на ЕУ ќе ја потврдат својата посветеност за целосна интеграција на Западен Балкан во ЕУ на денешниот самит со лидерите на Западен Балкан.
– Затоа, ние мора да преземеме одговорност и да донесеме одлуки што водат кон тоа, што значи отворање на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија, отворање преговарачки групи со Србија, забрзување на работата со БиХ за да стане земја кандидат и визна либерализација за Косово – рече тој.
На самитот ќе се разговара и за поддршката за регионот во борбата против пандемијата со ковид-19, а една од темите ќе биде и економското закрепнување по пандемијата, додаде Вархеи.
Тој изрази задоволство од почетокот на имплементацијата на економскиот и инвестициониот план за регионот, додавајќи дека истиот треба да поттикне забрзување на вистинската интеграција, интеграција на општествата и економиите на Западен Балкан во ЕУ.
Мицотакис: Време е ЕУ да ги преземе обврските кон регионот
Сега е време за јасни обврски кон регионот, изјави денеска во Љубљана грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.
Мицотакис, кој пристигна во Словенија за да учествува на самитот ЕУ-Западен Балкан, рече дека собирот ќе биде можност да се разговара за можностите за пристапување на регионот во Унијата.
– Ако ЕУ не е присутна во овој регион, нема сомнение дека другите ќе побрзаат да ја пополнат таа празнина – рече Мицотакис.
Тој, исто така, се осврна на, како што рече, „потребата да се забрза дебатата за стратешката автономија на Европа“.
– Конечно, Европа мора да биде во состојба барем да започне да се движи кон усогласување на својата економска со геополитичката моќ. Се надевам дека ќе имаме можност да разговараме за ова темелно – рече Мицотакис.