Со заедничко писмо до јавноста, насловено „Европа не нè разбира“, триесетина бугарски историчари, научници, универзитетски професори и јавни личности се изјаснија против меморандумот што Софија го испрати до земјите членки на Европската Унија (ЕУ), во кој се изнесени сериозни тврдења и црвени линии на патот на Скопје кон Унијата.

Покрај меморандумот Софија испратила и коментари на нацрт-преговарачката рамка со Скопје, која се уште е во фаза на преговори. Бугарија со коментарите бара добрососедството да се третира како суштинско прашање, а македонскиот јазик да не биде дел од рамката, како што пренесува „Радио Слободна Европа“, повикувајќи се на бугарски „медијапул“.

Во писмото се инсистира на „фундаментална промена на парадигмата во историското размислување“ и пишува дека потписниците не се согласуваат „Северна Македонија да се претстави само како земја што не се справува со сопственото минато“. Софија демонстрира застарени сфаќања и изнесува неодржливи и наивни тврдења против Македонија, како што сметаат тие.

Потписниците на заедничкото писмо сметаат дека меморандумот не ги рефлектира достигнувањата на голем број бугарски историчари во последните децении, а е неразбирлив и за Европа.


Софија на тапет во Европскиот парламент

Влошувањето на владеењето на правото и демократијата во Бугарија и непочитувањето на одлуките Европскиот суд за човекови права, се дел од темите за кои ќе расправа Европскиот парламент. Резолуцијата за ова прашање ќе се гласа в четврток, откако минатата недела беше одобрена од Комитетот за граѓански слободи, правда и внатрешни работи (ЛИБЕ), објавува „Дојче веле“.

Во текстот на резолуцијата, меѓу другото, бугарските власти се повикуваат да ги спроведат пресудите на Европскиот суд за човекови права. Станува збор за повеќе од 45 пресуди, меѓу кои и оние што се однесуваат на неможноста на македонското малцинство непризнато во Бугарија да регистрира свое здружение.

Во однос на овие предмети, Европскиот суд за човекови права во повеќе пресуди досега констатираше дека Бугарија направила повреди на членот 11 на Европската конвенција за човекови права, со кој е гарантирана слободата на собирање и здружување.