Прв самит на НАТО за Македонија како полноправна членка

Претседателот на Владата Зоран Заев, придружуван од министерката за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи Бујар Османи, ја предводи владината делегација на годинешниот Самит на НАТО 2021 на шефови на држави и влади во Брисел.

Премиерот Заев ќе учествува во работата на Северноатлантскиот совет на НАТО на кој лидерите на земјите членки ќе разговараат за најважните прашања за иднината на Алијансата.

Ова е историски момент за мојата земја. Ова е прв самит на НАТО за Северна Македонија како полноправна членка. Тоа е исто така прв Самит за НАТО со 30 членки. Ова е голем успех и за Северна Македонија и за НАТО. Членството во НАТО беше реализација на нашата стратешка цел, но дополнително со нашето членство, Алијансата ја подобри безбедноста и стабилноста на регионот на Западен Балкан.

Ние сме посветени на визијата за Балканот во 21 век, како регион на мир, стабилност и зголемена регионална соработка за економски придобивки и просперитет на сите граѓани.

Силно веруваме дека е потребно сите земји од Западен Балкан да имаат кристално јасна евроатлантска и ЕУ перспектива. Оставањето вакуум во нашиот дел од Европа не е опција. Потребни ни се предвидливи, кредибилни и повторно засилени процеси на интеграција во ЕУ и НАТО.

Денес сме тука за да го потврдиме нашето единство, кохезија и солидарност. Ние исто така ќе се осврнеме на идните предизвици и заедно ќе донесеме одлуки на стратешко ниво за понатамошно прилагодување на НАТО.

Ние ги делиме истите вредности, стоиме рамо до рамо со нашите сојузници и сме целосно посветени на нашата колективна безбедност: Затоа што ние сме НАТО. Заедно сме посилни, порача Заев.


Од исклучителна важност е поддршката на Полска за Македонија за членство во ЕУ

Во рамките на своите дополнителни активности за време на Самитот на НАТО во Брисел, претседателот на Владата Зоран Заев имаше средба со претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда.

На средбата беше истакнато взаемното задоволство од нагорниот позитивен развој на блиските и пријателски односи меѓу двете земји што беше оценето како одличен потенцијал за идната соработка.

Премиерот Заев истакна дека Полска беше и остана искрен и вреден пријател на Македонија за време на процесот на нејзиното остварување на целта да биде членка на НАТО, како и во поддршката за остварување на сите нејзини обврски за исполнување на членството во ЕУ.

Како посебно значајна премиерот Заев ја оцени иницијативата на Полска и на земјите од Вишеградската група да приложат документ на претстојната Конференција за иднината на Европа, во кој силно се поддржува пристапувањето на земјите членки на Западен Балкан во ЕУ.

Заев ја изрази својата и благодарноста на народот на Македонија за солидарноста и помошта на Полска за нашата земја за справување со последиците од пандемијата со ковид-19.

Тој го запозна полскиот претседател Дуда со главните поенти од документот на португалското претседателство со ЕУ како предлог за решение на ветото на Република Бугарија за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, кој нашата Влада го оцени како добра излезна основа за деблокирање и за организирање на првата меѓувладина конференција на нашата земја со ЕУ за почеток на преговарачкиот процес по поглавја.

Двајцата соговорници на средбата изразија задоволство од развојот на економските односи меѓу двете земји и изразија надеж дека растечкиот број на туристи од Полска во Македонија ќе го зајакне пријателството и блиските односи.