Заедничкиот кандидат за претседател Стево Пендаровски денеска имаше кратко обраќање пред членовите на Централниот совет на ДУИ кои на седница меѓудругото расправаат за потврдата на неговата кандидатура за претстојните претседателски избори.
Пендаровски во својата изјава посочи дека се обратил на покана на раководствто на ДУИ во пресрет на нивната формална одлука за негова поддршка, бидејќи политичкиот договор на 31 партија за негова кандидатура мора да ги помине внатрепартиските процедури во секоја од овие партии.
– Овој викенд повеќе партии имаат состаноци и јас во моментов доаѓам од конгресот на СДСМ во Скопје каде што исто така формално треба да се потврди мојата кандидатура, бидејќи без тоа не може да се продолжи со процедурата во ДИК. Затоа ја посетив и политичката партија ДУИ и неколку помали политички партии за оваа цел. Што се однесува до мојот концепт со кој ќе се претставам овој месец, месец и половина од кампањата на изборите, веќе 20 години имам јавни настапи и по медиуми и пред јавноста и мојот концепт останува Македонија за сите, каде што ќе нема граѓани од втор и трет ред и нема да има потстанари и газди, односно сите треба да бидат еднакви без разлика на етничка заедница, религија или политичка партија. И на изборите во 2014, како и во 2016 година бев еден од кандидатите на парламентарните избори во декември настапив со овој концепт и каде и сега нема да има никакви поважни измени. За тој концепт верувам и се залагав и многу пред да знам дека ќе бидам кандидат за било која функција – рече Пендаровски.
Во однос на изборите и очекувањата од нив, Пендаровски рече дека не е важно кој ќе победи, туку е важно во пресрет на одлуката на Европскиот совет во јуни Македонија да покаже дека е способна и има капацитет да спроведе кристално чисти избори, за што треба да се ангажираат сите капацитети, почнувајќи од институциите, граѓаните и најмногу политичките лидери без оглед дали доаѓаат од власта или опозицијата, бидејќи, како што посочи, најважно е Македонија да победи.
– Најважно е да спроведеме беспрекорни избори со кои ќе покажеме не само на опозицијата, туку и на Брисел дека неслучајно сме добиле покана за НАТО и оти за некој месец ќе станеме полноправна членка, туку дека и со полно право очекуваме во јуни да добиеме покана за членство во ЕУ – додаде Пендаровски.