Резолуцијата е дел од заедничкиот меморандум на МАНУ, МПЦ-ОА и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Ако се гледа стриктно, ниту една од овие институции нема политичка основа, ниту политичка мисија, но гледано пошироко, тие сочинуваат нераскинливо трио со кое се поврзани македонската христијанска вера, македонската историја, јазикот, писмото, општото образование на македонскиот народ. Потценувањето, омаловажувањето и иронизирањето со овие три врвни македонски системи е внесување црв што полека (ќе) го гние македонското национално стебло, изложено на бури и ветрови
Уште од самата најава дека ВМРО-ДПМНЕ подготвува некаков документ што ќе го понуди на разгледување до партиите застапени во Собранието на (Република Северна) Македонија се појавија силните сомненија изразени низ прашањата дали и зошто е потребен некаков општоприфатен државен акт што би влијаел врз ефектите на натамошните разговори меѓу Македонија и Бугарија во рамките на потпишаниот Договор за пријателство и соработка меѓу двете земји, потпишан пред четири години.
Таквите сомневања не престанаа ниту по усвојувањето на документот, кој во Собранието беше изгласан во својство на општа, не многу конкретна резолуција. Како што е познато, зборот резолуција е административен термин, што значи заклучок од некој собир (легален или илегален), собрание, конгрес или друг вид средба. Резолуцијата е за степен-два подолу на скалата за рангирање на валидноста на некој документ од декларацијата, која претставува официјална, свечена изјава за усогласени ставови по важно прашање.
Таквите сомневања не престанаа ниту по усвојувањето на документот, кој во Собранието беше изгласан во својство на општа, не многу конкретна резолуција. Како што е познато, зборот резолуција е административен термин, што значи заклучок од некој собир (легален или илегален), собрание, конгрес или друг вид средба. Резолуцијата е за степен-два подолу на скалата за рангирање на валидноста на некој документ од декларацијата, која претставува официјална, свечена изјава за усогласени ставови по важно прашање.
За да биде појасно, додека македонското собрание ја усвои Резолуцијата, бугарското уште во октомври 2019 ја има донесено Декларацијата за поддршка на Македонија и Албанија во ЕУ со услови што се објавени, а кои во Македонија долго се негираа и криеја. Како што е познато, во таа декларација не се признава постоењето на македонскиот народ до 1944 година, не се признаваат неговата историја, јазик и писмо, како и самобитноста на македонскиот народ и македонството на низа историски личности од пред 1944-та, сметајќи јунаци, револуционери, писатели, драматурзи, сликари и други револуционерни или дејци од културата и уметноста. Сите барања се таксативно, строго формулирани и наброени, со императивни налози за признавање или извршување од македонска страна, речиси без поговор или приговор.
Македонската резолуција, мерена во сразмер со бугарската, е содржински и текстуално мека, помирувачка, дури во некоја смисла политички наивна, поточно идеалистичка. Но и како таква, таа во својата основа е добронамерна, не крева нови бранови, не води кон крв, како што некои тенденциозно ѝ припишуваат. Претседателот на државата Стево Пендаровски соопшти дека Резолуцијата ја пишувал претседателот на МАНУ, Лупчо Коцарев. Ја прифатила како своја и до Собранието ја поднела партијата ВМРО-ДПМНЕ, ја изгласале пратениците со повеќе од двотретинско мнозинство, на крајот со свој потпис ја верификува и претседателот, со што документот стана, ајде да речеме, народен документ. Тој секако дека нема сила на асномски одлуки, но во секој случај застанува во одбрана на интересите на македонскиот народ. Ги штити македонските позиции за идентитетот, за јазикот и писмото, за историската генеза, позиции што станаа сериозно загрозени по потпишувањето на Договорот со Грција и по понижувачките постапки на македонските власти, кои сопствената држава ја качија на брз рингишпил. Не случајно во Резолуцијата се бара преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ. Само човек што бара влакно во јајцето, само лице што не му мисли добро на македонскиот народ може да најде политичка, правна и морална мана, чин на непријателство или говор на омраза во донесената Резолуција. Таа е искрена и чиста како солза, пет пати почиста и од Вардар и од Струма и од образот на многумина политичари, преговарачи. Резолуцијата не може да загрози никого освен тие што не ја признаваат неа. Таа не може да ги направи полоши работите со Бугарија од она како што се сега.
Една од „маните“ е што Резолуцијата била производ на МАНУ, врвна македонска институција на науките и уметностите. Но, за волја на вистината, текстот на Резолуцијата е дел од заедничкиот меморандум на МАНУ, МПЦ-ОА и Универзитетот „Св. Кирил и Методија“, текст што под насловот „Македонски манифест“ во декември 2020 година го потпишаа Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана Прима, г. г. Стефан, и ректорот на Универзитетот „Св. Кирил И Методиј“ во Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски.
Ако се гледа стриктно, ниту една од овие институции нема политичка основа, ниту политичка мисија, но гледано пошироко тие сочинуваат нераскинливо трио, со кое се поврзани македонската христијанска вера, македонската историја, јазикот, писмото, општото образование на македонскиот народ. Со векови преку црквата, со децении преку Универзитетот и Академијата. А и самото основање на Академијата е плод на период од пред 150 години, од почетоците на развојот на македонската култура во 19 и 20 век, период низ кој течеа духовните континуитети во македонската културна историја и сите величествени градби на духот, низ еден природен историски процес. Потценувањето, омаловажувањето и иронизирањето со овие три врвни македонски системи е внесување црв што полека (ќе) го гние македонското национално стебло изложено на бури и ветрови.
На МАНУ во последниве години од дел аналитичари, новинари, бивши дипломати, пензионирани професори ѝ се припишува фалинка што во неа има многу македонски националисти и повремено пропагира националистички ставови. МАНУ, освен во првите години, никогаш не била оставана на мира токму поради наводен претеран македонизам. Оваа највисока научна и уметничка институција не е имуна на сите болести што го следат едно општество, како и на болести и неболести од кои боледуваат или мислат дека боледуваат големите луѓе. Не е таа идеална ниту по својот состав, ниту по меѓусебните и меѓучовечките односи во неа. Но, колку што има националисти, во неа има и интернационалисти, кои за Македонија се заинтересирани во онаа мера колку што се заинтересирани за својот приватен џеб.
Како и да е, македонската резолуција е донесена со општ консензус во Собранието, со што таа стана документ изгласан од народот. Уплавот од неа може да го форсираат само оние што ќе сакаат да ловат во матно, оние што им даваат предност на бугарските, а не на македонските интереси и оние што Македонија не ја чувствуваат како своја татковина или како своја држава. Ретко може да се сфатат позиции што се против оние што се залагаат за рамноправност, за заштита на сопствената историја. Резолуцијата сигурно не е свето писмо, но е патоказот што го одбра мнозинство претставници на народот, секое намерно скршнување ќе значи прекршување на интересите на Македонците наспроти другите.