По лидерската средба, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, го окарактеризира Мицкоски како неодговорен и незрел, потенцирајќи дека досега не видел политичар, толку да се плаши од сопствените граѓани.
Заев нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ сака да се одолговлекува економската и здравствената криза, а притоа, да се креира политичка криза, нешто, што СДСМ немало да го дозволи.
Мицкоски не споменал ниту напуштање на владата од страна на неговите министри бидејќи нема избори, посочи Заев, според кого, ВМРО-ДПМНЕ купува време поради страв да се излезе на избори.
– Изборите се утврдени и во моментот согласно вонредната состојба, која завршува на 30 мај, изборите се на 21 јуни. Неодговорноста, незрелоста и мислењето само на партиската фотелја на Мицкоски, во ВМРО-ДПМНЕ, не доведе до тоа да нема договор со консензус. Наместо да се стават интересите на граѓаните на прво место, за Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, тоа се партиските калкулации и ставот од изборите. Не сум видел политичар со ваков страв од сопствените граѓани. Политичари кои работат за интересите на сопствените граѓани не се плашат од нив. Однесувањето на Мицкоски е незрело и неодговорно, на штета на граѓаните и државата, како што го видовме во изминатите две и пол години и за време на справување со кризата. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ сакаат да се одолговлекува здравствената и економската криза и да креираат нова, политичка криза. Тоа ние нема да го дозволиме. Имаме одговорност пред граѓаните и државата. На граѓаните им требаат функционални институции со нов мандат, да им служат и да се подготват за новиот бран од корона кризата на есен. Предупредување за нов бран издаде и СЗО. На граѓаните им треба враќање на новото нормално, трансформација на економијата и заштита на здравјето на соодветен начин. Одговорност на политичките партии е да направат се, за да им се обезбеди таа нова нормалност на граѓаните. Во нови услови, согласно препораките и протоколите за заштита, сметаме дека можеме да организираме избори. Техничката влада чија првенствена улога е да организира избори, треба да ги рестартира и предизборните процеси за организирање на фер и демократски избори со целосна заштита на граѓаните – рече Заев.
Според него, Мицкоски барал Комисијата за заразни болести да гарантира дека на крајот од август и почетокот на септември ќе има нула починати или три до четири заразени, по што Заев потенцираше дека тоа не може никој да го гарантира.
– За жал, не се постигна договор за да се организираат избори во првиот соодветен термин, иако сите податоци и аргументи укажуваат дека се создадени услови и дека сега е вистински момент да се излезе на избори. И тоа, од здравствен и економски аспект, како и демократски аспект. Тоа го потврдуваат и препораките од Комисијата за заразни болести, законските рокови, уставните одредби, како и мисијата на ОБСЕ/ОДИХР. Во Комисијата и извештајот кој е доставен, покрај коментари и детали на разработен начин како да се води кампања, но и денот на изборите, има една глава која што вели ‘Предвидување на следниот период’ и вели: ‘Имајќи во предвид дека во овој период сме во фаза кога ги гледаме ефектите од силните рестриктивни мерки, се наоѓаме во последните недели од вообичаеното траење на респираторните епидемии, во фаза која не работат школите и градинките, и имаме затворени граници, состојбата со Ковид-19 ќе потрае подолг временски период, се до пронаоѓање на вакцината’. Затоа велат: ‘Пред нас е период кога треба да научиме да живееме со вирусот. Од друга страна, фактори кои можат да ја влошат пандемијата се отворање на државните граници, патување надвор од државата и враќање на голем број граѓани внатре во државата, но и влез на странци во земјата што се очекува во летните месеци, почеток на новата учебна година и почеток на сезоната на грип што е можна епидемија од сеознски грип’. И заклучуваат: ‘Според ова, како поминува времето, се зголемува ризикот со враќање на пандемијата со втор бран, со зголемување на бројот на пациентите – цитираше Заев.
Тој кажа дека одговор е добиен и од ОБСЕ/ОДИХР, кој кажале: „Подготвени сме повторно да се распоредиме за активности поврзани со изборите, штом се утврди датумот за изборите и водејќи се од аспект на патните ограничувања и протоколите поврзани со здравјето“.
Мицкоски на почетокот од неговото обраќање се извини до граѓаните затоа што, наместо за превенција и заштита од коронавирусот, на средбата се зборувало за датуми за одржување на избори, а ова го искоментира и лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
– Прво морам да искоментирам, Христијан Мицкоски се извини затоа што имало лидерска средба. Па негово барање беше лидерската средба. На негово барање беше одложувањето на една лидерска средба, со уште една лидерска средба. Господ да чува и да брани, туку треба да се извини за повеќе работи, вклучително, што ја турка државата во период кога целиот свет очекува нова пандемија, нови бројки, големи проценти на заразеност – рече Заев.