Според последните информации од Владата, германски експерти од Федералната криминалистика (Бундескриминаламт) ќе помогнат во истрагата за несреќата во Тетово, како поддршката од НАТО-сојузникот Германија. Со тоа се одобрува во земјава да пристигнат стручни лица со највисок степен на експертиза во истраги при несреќи за да помогнат во утврдувањето на причините за пожарот
Два дена по стравотната несреќа, кога се запали и целосно изгоре модуларната ковид-болница во Тетово и загинаа 14 болни, сѐ уште се истражуваат причините за пожарот, како и утврдувањето на одговорноста за евентуалните пропусти. Она што остана од модуларната болница во моментов е под надзор на полицијата, сè додека не заврши истрагата.
Според последните информации од Владата, германски експерти од Федералната криминалистика (Бундескриминаламт) ќе помогнат во истрагата околу несреќата во Тетово, како поддршката од НАТО-сојузникот Германија. Со тоа се одобрува во земјава да пристигнат стручни лица со највисок степен на експертиза во истраги при несреќи за да помогнат во утврдувањето на причините за пожарот.
Од Владата соопштија дека се работи за експертски тим што доаѓа од Германија, поточно од Бундескриминаламт (БКА) или Федералната криминалистичка полиција, чиј делокруг на работа е токму во национална и меѓународна соработка, истраги, истражувања и развој.
– БКА е со висока експертиза во поддршката при истраги, особено во делот на форензички науки, ДНК-анализи, електронски истраги и идентификација.
Во специјалните задачи што ги работи БКА е и тим што работи на истраги со жртви во катастрофи и несреќи. Станува збор за институција што во Германија има 60-годишна традиција на дејствување, со околу 7.000 вработени -информираат од Владата.
Тимот експерти ќе соработуваат со МВР и ќе помагаат во истрагата што ја води ОЈО.
Жртвите на возраст од 29 до 78 години
Од доставените извештаи до обвинителството се утврдува дека од починатите во пожарот во тетовската модуларна болница, осум жртви се жени и шест мажи, на возраст од 29 до 78 години. Од нив, 12 лица биле хоспитализирани како пациенти во ковид-болницата. Од починатите, две лица, и тоа сопруга на пациент и ќерка на пациентка, се надворешни лица, кои не биле хоспитализирани.
– Причината за нивното присуство во моментот на несреќата, односно дали биле подолго време присутни во болницата или влегле внатре по опожарувањето за да ги извлечат своите роднини се истражува. По налог на обвинителството, извршена е обдукција и на почината пациентка, која настрадала од ковид-19 и за чиј живот се борел медицинскиот персонал непосредно пред избувнувањето на пожарот. Телото на веќе починатата пациентка било изнесено во моментот на избувнување на пожарот. Обдукцијата, по барање на обвинителството, била извршена за точно утврдување на причините за смртта, при што се констатира дека настанатата смрт не е последица од пожарот – велат од обвинителството.
Обвинителството презело мерки за обезбедување видеоснимки од ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, од и околу болницата, околните деловни објекти, станбени згради, куќи, како и обезбедување на целокупниот видеоматеријал објавен, како од индивидуални поединци, така и од социјалните мрежи. Снимките се вештачат по издадени наредби од обвинителството и се очекува извештаите од нивната анализа да помогнат за расчистување на настанот.
– Донесени се наредби до ОКТИВ-Скопје за подигнување материјални докази и обезбедување на трагите од местото на настанот, како и наредби за нивно вештачење, за утврдување на причинско-последичната врска за настанување на пожарот. Во таа насока е донесена наредба за ангажирање вешто лице од областа на електротехниката, кое беше присутно и на самото место во опожарениот објект и чија експертиза ќе одговори на прашањата за причинско-последичната врска за настанување на пожарот – велат од обвинителството.
Сослушани се некои од сведоците од местото на настанот, дел од лекарскиот персонал што бил присутен во модуларната ковид-болница ноќта кога избувнал пожарот. Во меѓувреме, сослушани се и се сослушуваат и преостанатите лица што можат да дадат потребни известувања во врска со настанатиот пожар.
Обвинителството му издало наредба на СВР-Тетово за одземање на целокупната документација во врска со изградбата на модуларната болница, од самата болница, а исто така и од правното лице – изведувачот на изградбата.
– Имајќи ги предвид итноста и карактерот на трагичниот настан, во кој животот го загубија 14 лица, а во соработка и со други надлежни институции, односно со Дирекцијата за заштита и спасување, со полициски службеници од ОКТИВ при МВР-Скопје, вешти лица од областа на електротехниката, како и претставници на ЕВН-Македонија и нивни вешти лица, ги преземаме сите неопходни мерки и активности, со цел да спроведе итна истрага, во насока да се утврдат причините за трагичниот настан – велат од обвинителството.
Нуредини: Посетите биле забранети
Откако официјално беше потврдено дека меѓу жртвите во пожарот имало и роднини на пациенти, координаторот на ковид-центарот во Тетово, Гзим Нуредини, вели дека таму никако не смеело да има посети.
– Незаконски се посетите. Секоја посета е казнива и по протоколи. Не може роднини да се грижат за пациентите. Ние и порано имавме укажувања и мене ме извести и директорот дека имало посети, но испративме известување до сите во болницата дека никако не се дозволува посета. Овде, во Тетово, има и вработени од цела клиника, сестри и медицински техничари, кои се роднини. Бараме име и презиме кои биле ако се вработени и дали биле во работно време или дошле во слободно време. Сите биле со маски и заштитна облека, според антиковид-протоколите – изјави Нуредини.
Спасените 12 пациенти од изгорениот ковид-центар се во релативно добра состојба и немаат проблеми предизвикани од пожарот.
Според Нуредини, во модуларната болница имало ПП-апарати, но посочува дека истрагата ќе покажела што точно се случило и зошто за толку кратко време изгорел целиот објект.
– Пожарот во ковид-центарот во Тетово ја пеплоса модуларната болница за три минути. Јас веднаш отидов таму кога ми јавија, но веќе сѐ беше завршено -додава тој.
Завршена обдукцијата на починатите
Институтот за судска медицина ја заврши обдукцијата на 15 тела донесени по пожарот во ковид-центарот во Тетово и ги идентификува жртвите. Со помош на ДНК-анализи се идентификувани телата на четиринаесеттемина што настрадаа во пожарот.
Според извештаите, извршена е обдукција и на помлада пациентка, чиешто тело дополнително е донесено во Институтот за судска медицина.
Таа починала пред избувнувањето на пожарот во ковид-центарот во Тетово.
Идентификацијата на телата е извршена со помош на роднините на починатите, МВР и Одделот за потраги.
Се очекува телата на жртвите да им бидат предадени на семејствата.
Филипче го чека исходот од истрагата
Министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција на прашањето дали ќе поднесе оставка поради вчерашната трагедија во Тетово, рече дека одлука ќе донесе откако ќе заврши истрагата.
– Имаше повици за моја оставка. Дозволете да кажеме дека од одговорност не бегам, ниту ќе бегам. Но ќе чекам да заврши истрагата. Поради тоа што и овој период има потреба од менаџирање на кризата околу кризата во Тетово, сето тоа што значи процес на завршување на обдукциските наоди. По завршувањето на истрагата ќе донесам одлука дали ќе поднесам оставка. Навистина сочувствувам со сите членови на семејствата на загинатите, но ќе чекам да заврши истрагата -рече Филипче.