На 23 мај 1943 г., во Струмица е убиен Боро Џони, сѐ уште жив фрлен во разгорена варница на патот за Костурино. На споменикот пишува дека е ѕверски убиен од бугарскиот фашистички окупатор. Кој и како ќе ги менува историските вистини по барање на актуелната бугарска влада, кој ќе ги брише злоделата?
Пред неколку дена во Богданци беше промовирана книгата посветена на животот и делото на борецот Борис Џонов (1913 – 1943), попознат по кратенката Боро Џони и по псевдонимот Бо-Џо. Самата книга, како книга, спаѓа во родот на мемоарската публицистика. Таквите книги, посветени на револуционери, борци, херои, објавени во Македонија не се малку.
Во обичен библиотечен фонд би се сместила и книгата за Борис Џонов ако времето на појавувањето и актуелните случувања во односите со Бугарија не ја издвојуваа од оние објавувани порано. Ќе ја немаше провокативноста што ја предизвикува, особено кога ќе се читаат деловите за неговиот краток, но бурен живот, за неговото убиство од бугарските полицајци во струмичкиот затвор и кога ќе се постави прашањето за автентичноста на неговата биста, на која пишува дека загинал од бугарскиот фашистички окупатор. Поточно на неа пишува: „На 23 мај 1943 год. од бугарскиот фашистички окупатор во струмичкиот затвор ѕверски беше убиен и на ова место изгорен борецот Боро Џони“.
Случајот на Џони може да се претвори во образец како би се објаснувале настаните од времето на бугарската окупација, што би се случувало со спомениците на кои таа е бележана и како би се пишувала новата историја по ултимативното барање на сегашната влада на Република Бугарија.
Во архивите на боречките организации од Богданци и во Струмица сигурно се чуваат доста пишани документи и запишани усни кажувања за Борис Џонов и неговиот живот. Роден во Богданци, од татко богданчанец, мајка од Кукуш, Македонка, како сите кукушани, блиска до семејството на Гоце Делчев. Сите Џонови по вера биле унијати, религија заснована на традициите на православната црква, но со признавање на римскиот папа како нивни поглавар. Борис, како напредно дете, преку црквата е пратен да се школува во Загреб. Наместо да стане унијатски свештеник, како што била првичната намера, таму завршил Правен факултет, се приврзал кон социјалистичките и комунистичките идеи ширени по Октомвриската револуција во Русија, како светло на денот за сиромашните народи. Додека студирал, во Хрватска бил близок со Владимир Бакариќ, познат хрватски комунист, во Белград другарувал со Кочо Рацин, формирал повеќе македонски младински друштва, пишувал на македонски јазик.
Бидејќи семејството, од разни причини, се селело од Богданци, час во Гевгелија, час во Струмица, така растел и Боро, кој по завршувањето на факултетот се вратил во родниот крај. Војната била почната, бугарските армија, полиција, агентура и администрација ја завладееле територијата на Македонија, дотогашна Вардарска Бановина, административна единица на кралството Југославија. Бугарските власти во него виделе образовно подготвен млад човек што би им служел на нивните намери. Го поставиле за кмет на Богданци, што може да се толкува дека бил прифатен како благонадежен Бугарин. По пет месеци го разрешиле затоа што не ги извршувал дадените наредби, а се шушкало дека соработува со комунистите, што не било далеку од вистината. Соработувал и ги помагал. Потоа – во Струмица, вработен како судија во Обласниот суд. Тука почнува и завршува драмата.
Џонов, секаде каде што одел, го ширел македонскиот идеал, го пропагирал прогласот на Комунистичката организација на Македонија, објавен уште во декември 1940 година, во кој пишувало: „Господата од Белград и Софиа спорат за Македониа, а македонскиот народ ич не го питат. Тије поробители на Македониа имаат тепегјозлуг оти македонскио народ бил србски, бил бугарски и да Македонците немале историа, јазик и др. Македонските поробители лажат. Во сушност Македонците не сет нити Срби, ниту Бугари, а сет Македонци. Кирил и Методиа не беа ни Срби ни Бугари, а македонски Славјани. Новата историја на Македониа е богата со борби за национална слобода. Илинден е најславни пункт на Македонците за слобода и рамноправие“.
Џонов пиел од изворот на тие идеи. Неговите говори за судбината на Македонија и Македонците, со нагласка и за Обединета Македонија како можна цел, биле слушани со големо внимание од присутните другари.
Значи, дејноста на Џонов против бугарската власт во најголем дел била илегална, најинтензивна во сама Струмица, за што постојат голем број автентични искази од негови соборци. На почетокот на мај 1943 г. таму се случува провала на партијата кога се затворени неколкумина млади струмичани. Меѓу нив и Џонов, правник, редок интелектуалец, публицист, поет. Сѐ што следува натаму е како во хорор-филм. Бидејќи ништо не признавал, никого не сакал да накодоши, администраторите најнапред му ги скршиле рацете и ребрата. На сослушување го носеле со влечење, не бил во состојба да оди. На ред дошол ’рбетот (кичмата), што значи имал ’рбет штом толку издржал. Три дена го држеле во бессознание, два дена лежел полумртов во ќелијата.
Откако виделе дека претерале, бугарските полицајци за да избегнат обвиненија смислиле трик – измислиле бегство на Џонов, познат бугарски фашистички метод применуван за пресметка со неколкумина македонски револуционери. Разгласиле низ цела Струмица и Струмичко, праќале потери во Валандово и во Гевгелија. И наводно „бандитот“ бил најден и убиен при тоа успешно бегство. За да го скријат ѕверското злодело, телото на Џонов од затворот го изнесуваат во околината на Струмица и го фрлаат во една од варниците на патот Струмица – Костурино, уште жив, изгорел, ни прав ни пепел, во вжарените печки каде што се правела варта. Приближно на тоа место стои споменикот каде што се спомнуваат ѕверското убиство и бугарскиот фашистички окупатор. Иронијата да биде поголема, десетина дена подоцна претседателот на бугарскиот прек воен суд од Скопје бара лицето Борис Џонов да биде приведено и однесено во Скопје. Од Струмица добил одговор дека лицето Боро Илиев Џонов сѐ уште е во бегство.
„Милосрдните“ не застанале само на тоа. Окупаторската власт го интернира целото негово семејство, татко му, мајка му и сестра му. Првин во Скопје, потоа во Софија, оттаму во Ореховската околија, секој во одделно село, па во Горна Џумаја (Благоевград) каде што останале сѐ до септември 1944 година кога капитулирала фашистичка Бугарија. Не ја поштедиле ни неговата сопруга Рахилка, родена штипјанка. Нејзе ѝ било наредено да го напушти градот во рок од 12 часа. Била бремена, петти месец, го носела синот, роден во нејзиниот роден град, неколку месеци подоцна. Синот го добил името на неговиот дедо Илија, Илија Џонов, познат професор, невропсихијатар на Медицинскиот факултет.
И сега што? Речиси и да нема човек во Струмичко и Струмица што не ја знае легендата за Боро Џони. Градот, во минатото, ги испочитувал неговото дело и неговата жртва. Музичкото училиште го носи неговото име, има и улица именувана во негова чест. И секаде и секогаш е пишувано и говорено дека е ѕверски убиен од бугарските фашистички окупатори. Струмица ќе биде пред тежок испит како ќе го разубави ова трагично злодело, како ќе ги измени историските факти и со кој закон, на кој начин ќе ја тргне бистата или ќе го смени или избрише текстот. Ќе бидат ли направени консултации со наследниците, синот, внуците? Ќе бидат ли сменети, изгорени, фрлени на отпад сите реферати, евоцирани спомени, одржани симпозиуми, објавени сепарати и книги што зборуваат за бугарска фашистичка окупација? Кое име ќе го добијат?
Секако дека која било постапка нема да ја кажува вистината, таква каква што била. Како што во некој правец тргнале некои процеси, може да се случи да биде напишано дека Боро Џони сам се фрлил во варницата од голема радост што дошле Бугарите во Струмица.