Првата приватна општа болница „Ре-Медика“ ја информира јавноста дека лицето, лекар, кое во немилиот настан, според информациите објавени од МВР и ЈОРСМ, е пронајдено мртво, пред здравствената установа „Железара“, не е вработено во „Ре-Медика“.
-Во неколку медиуми утрово „Ре-Медика“ беше споменувана во контекст на овој настан. Во интерес на точното информирање на јавноста сакаме да потенцираме дека „Ре-Медика“ не е поврзана со настанот, за кој жалиме и упатуваме искрено сочувство – се вели во информацијата од „Ре-Медика“.
На 21 март 2024 година во 23.09 часот во СВР Скопје било пријавено дека во сопственото возило „киа“ со скопски регистарски ознаки, на паркинг пред здравствената установа „Железара“, со убодни рани по телото бил пронајден А.Т.(67) од Скопје, информираа од МВР. Според пријавеното, тој бил пронајден од неговите синови, кои почнале да го бараат откако не се вратил дома од работа. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција.
-Се преземаат мерки за расчистување на случајот – велат од МВР.
-Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на лице место во скопската населба Железара каде во текот на ноќта беше пронајдено безживотно тело на лекар со повеќе убодни рани. Телото на починатиот го пронашол неговиот син – информираат од јавното обвинителство.
Јавниот обвинител издал наредба за обдукција, како и наредба за прибирање и анализа на сите траги пронајдени на лице место и за обезбедување на снимки од видеонадзор.
-Се преземаат дејствија за расчистување на настанот – велат од ЈОРСМ.