На 89. пленарна седница Собранието ја утврди потребата за носење пакет закони со кои ќе се нивелираат платите на избраните и именуваните лица. Според предложените измени, платите на функционерите ќе се намалат до 13.000 денари.
Законот опфаќа измени во повеќе области: платите на пратениците, на функционерите во извршната власт, јавните обвинители, судиите, членовите на Советот на јавните обвинители и на Судскиот совет. По разгледување во матичните комисии, седницата треба да продолжи во 18.30 часот.
Предлагачот, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски, објасни дека со овие решенија се воспоставуваат реални висини на платите и се врши интервенција во коефициентите.
– Со овие предложени решенија се врши интервенција во коефициентите, со што се обезбедува национално користење на средствата од Буџетот на Република Македонија. Ова законско решение е во согласност со Уставот и е единствено законско решение коешто може да влезе во уставната рамка и потоа да не биде обжалено на Уставниот суд. Со овие измени одредени позиции се намалуваат коишто се во следниов правец: за пратениците и функционерите во извршната власт ги намалуваме коефициентите со што директно го кратиме буџетскиот товар, за судиите и јавните обвинители предвидуваме усогласување на коефициентите со цел нивните плати да бидат во корелација со реалните економски можности на државата, додека за градоначалниците предлагаме нова скала на коефициенти, зависно од бројот на жители во општините. Доколку овие измени денеска бидат усвоени во Собранието, платите ќе се нивелираат со што значи на сите овие функционери коишто се под овие шест закони, платата ќе се намали од 10 до 13.000 денари – рече Стојаноски, пренесе МИА.
Собранието не го усвои предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, со кој опозицијата бараше зголемување на минималната плата на 600 евра. Опозициските пратеници нагласија дека минималната плата не е само бројка, туку прашање од егзистенцијално значење за семејствата. „Покачувањето на минималната плата значи инвестиција во нашиот најголем капитал – работниците,“ истакнаа тие.
Пратениците од власта одговорија дека покачување на платите ќе има, но тоа мора да биде одржливо и усогласено со економските можности, посочувајќи на долговите и проблемите наследени од претходната власт.
Покрај ова, Собранието изгласа потреба по скратена постапка да се донесат закони за инфраструктурни проекти (Миладиновци–Штип и Кичево–Охрид), за ветеринарно здравство и за идентификација и регистрација на животни. Донесени беа и одлуки за јавни огласи за избор на членови и раководители во повеќе институции, како и именувања во Регулаторната комисија за домување.

































