Фото: Игор Бансколиев

Македонија ги живее своите најтешки демографски години во историјата

Македонија полека, но сигурно станува држава со недостиг од популација. Тоа е повеќе од доволен повод да се вклучи црвениот аларм кај сите. Истражувајќи ја темата, нашиот весник откри нови фрапантни податоци, кои сами по себе се доволен показател за тоа што, всушност, континуирано ни се случува на тој план. Така, во архивските документи и печатени материјали, до кои имавме можност да дојдеме, може да се забележи дека уште пред повеќе од еден век во некои делови од Македонија имало повеќе ученици отколку што има денес

На Македонија ѝ се случува демографска катастрофа од епски размери. Гледано низ призмата на бројките и статистиката, државата ги живее своите најтешки демографски години во историјата. Така, изминативе години е регистриран драстичен пад не само според бројот на населението во македонските градови и села туку и во однос на новородени деца, запишани ученици во основно и во средно училиште, а има и недостиг од работници и стручен кадар во речиси сите сегменти од општеството. Со еден збор, на државата ѝ се заканува опасност да остане без својот најважен ресурс и потенцијал – а тоа се луѓето. Македонија полека, но сигурно станува држава со длабок недостиг од популус, што е повеќе од доволен повод да се вклучи црвениот аларм кај сите. Ако нешто, повеќе од што било друго во моментов, заслужува да биде прво на дневен ред кај политичарите и државниот врв, тоа несомнено се демографските услови и бавното исчезнување на човечките ресурси на Македонија пред наши очи.
Причините за ова се повеќеслојни и многубројни, но она што најмногу загрижува е што со години и децении не се преземаат мерки да се спречи миграцискиот егзодус на граѓаните, а со тоа и бавната, но болна ерозија на државата.

ПРЕД ЕДЕН ВЕК ПОВЕЌЕ УЧЕНИЦИ ОТКОЛКУ ДЕНЕС

Истражувајќи ја темата, нашиот весник отиде чекор понатаму, разоткривајќи нови фрапантни податоци, кои сами по себе се доволен показател за тоа што ни се случува. Така, во архивските документи и печатени материјали, до кои имавме можност да дојдеме, може да се забележи дека пред повеќе од еден век во некои делови од Македонија имало повеќе жители и повеќе ученици отколку што има денес.
Во книгата „Српски документи за историјата на Охридско-струшкиот регион“ (1890-1940), од авторите проф. д-р Павле Митрески и м-р Димитар Смилевски, прецизно се наведени сите фактографски податоци, меѓу другото и за бројот на ученици во овој регион. Така, во трудот се вели дека тогаш само во околината на Охрид имало 21 основно училиште, во селата Белчишта, Ботун, Брежани, Велгошти, Велмеј, Врбјани, Горно Лакочереј, Злести, Лешани, Куратица, Мешеишта, Волино, Опеница, Свиништа, Завој, Скребатно, Мраморец, Слатино, Требеништа и Велестово, или вкупно 1.700 ученици.

Во струшката околина имало 18 основни училишта, додека во Дебар 15 училишта со 1.300 ученици во околијата.

Денес голем дел од селата во овој регион, и генерално во државата, се испразнети, а училиштата или одамна се затворени или едвај живуркаат со мал број ученици.
Дека има евидентен пад на населението и особено на бројот на млади потврдуваат и податоците во Стратегија за млади на Општина Охрид, која се однесува за периодот 2021-2026 година.
Во неа се наведува дека бројот на млади, од 15 до 29 години, значително се намалил и има евидентен пад, па така, ако во 2018 вкупниот број на млади изнесувал 9.211, за две години односно во 2020, таа бројка опаднала на 8.891 млади лица.

За тоа дека состојбите се повеќе од загрижувачки покажуваат и податоците на Државниот завод за статистика, според кои, во 2022 година во Македонија има најмалку родени бебиња во историјата на државата, односно само 17.700 бебиња.
– Ако се споредат бројките од првиот квартал од 2023 година со првиот квартал од 2016 година, доаѓаме до една фрапантна, ужасна бројка дека бројот на родени деца е паднат за 40 проценти – изјави поранешниот пратеник Влатко Ѓорчев деновиве во едно ТВ-интервју.

И Дончо Герасимовски, поранешен директор на Државниот завод за статистика и демографски аналитичар, посочува дека и оваа 2023 година Македонија има негативен природен прираст на населението, како на ниво на населените места така и на ниво на општини и региони во целата земја, што значи дека има сѐ помалку живородени деца, а повеќе умрени лица.
– Но уште подрастично е кога ќе се анализираат податоците, како во основното така и во средното образование на почетокот и на крајот на учебната година. Бројката од минус 10.175 ученици е бројка што покажува дека разликата на бројот на ученици е од бројот на ученици запишани на почетокот и на крајот на учебната година за период од пет години. Во средното образование таа минусна бројка изнесува -6.294 ученици. Што ни покажуваат овие анализи? Дека не само што се намалува бројот на ученици секоја година на почетокот на секоја учебна година туку и во текот на годината бројот на ученици се намалува просечно за 1.500 ученици – оценува Герасимовски.

Тој нагласува дека ова се отворени прашања од висок интерес за државата за кои треба да се има приоритет и што поитно да се преземат мерки и активности за надминување на ваквите состојби.

ЗОШТО ДОМАШНИТЕ ПОЛИТИЧКИ ЛИДЕРИ ЦЕЛОСНО ГО ИГНОРИРААТ ПРОБЛЕМОТ

Другите земји во светот, кои се соочуваат со слични проблеми, веќе преземаат мерки за надминување на состојбите. Во Србија, на пример, постои национален демографски совет со кој раководи лично претседателот Александар Вучиќ, како и посебно министерство, кое презема активности за спречување на миграцијата. И Хрватска има формирано совет за демографија.

Во Македонија, пак, која несомнено е демографски најзагрозена држава во целиот регион и пошироко, ова прашање тешко или воопшто не стигнува на дневен ред кај политичките елити.

Ако на сето ова се додаде и масовниот тренд на иселување од државата, особено на младото и работоспособно население, тогаш станува повеќе од очигледно дека Македонија го губи тлото под нозете и останува без луѓе.

Само во изминатиот период за проблемот со недостиг од квалификуван и квалитетен кадар алармираа од правната фела, од лекарските комори, од туристичко-угостителскиот сектор, од Синдикатот на градежни работници, од каде што посочија дека над 12.000 работници заминале во странство итн. Најновите истражувања од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) покажуваат дека во земјата недостигаат и 340 пожарникари.

Стопанските комори, пак, со години алармираат за недостиг од кадар, поради што почнаа да се преземат и првите чекори за увоз на работници од некои подалечни држави.

Инаку, податоците од последниот попис на населението во Македонија спроведен во 2021 година покажа намалување на бројот на жителите во државата за повеќе од 180 илјади за последните две децении. Прогнозите за во иднина се уште помрачни и позагрижувачки.

Според еден извештај на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) за „Трудова миграција во Западен Балкан“, досега околу 700.000 Македонци или една четвртина од населението се иселиле од државата, односно секој четврти жител си заминал од татковината.

И последните извештаи на Обединетите нации и на Светската банка предупредуваат дека во следните години и декади Македонија ќе се соочи со нов егзодус на населението, односно намалување од нови 11 отсто од сегашниот број на жителите. Процените се дека во следните три декади од државата ќе заминат уште двесте илјади лица, со што бројката на вкупното население во државата ќе биде околу еден милион жители, па и под тоа.

Загрижувачки е и податокот, кој доаѓа токму од Обединетите нации, дека Македонија е на 18-то место на листата од 20 земји со најголем проектиран пад на населението во следните децении.

Што уште да се каже по сето ова. Ништо друго и ништо поважно, освен дека Македонија веќе нема ниту еден ден за губење. Веќе од денес мора сите надлежни институции и органи да се зафатат со сериозна работа.

Во календарот на Обединетите нации 11 јули е заведен како Светски ден на населението. Тоа е нешто повеќе од еден месец до кога треба да се скицираат и испланираат конкретни мерки и активности што ќе покажат во јавноста дека постои волја за преземање широки зафати на прекин на замавот од демографската катастрофа.

Во спротивно во неа ќе останат само функционерите и пензионерите. За вториве и не сум баш сигурен.