Бугарскиот вршител на должност министер за надворешни работи, Николај Милков синоќа нагласи дека отворањето конзулат во Македонија „е сложена и политичка работа“.
Неговата изјава беше дадена како одговор на прашање на пратеник на седница на собраниска Комисија за надворешна политика во бугарскиот Парламент.
-Тоа е сложена и политичка работа. Треба да се разговара со тамошните власти. Немаме намера да излеземе со таква одлука. Таков потег нека преземе редовната влада – потенцира Милков.
Во однос на генералниот конзул во Битола, министерот Милков објасни дека неговиот мандат истекува на 15 јануари.
-На негово место ќе има привремен вршител на должност, бидејќи македонската страна во оваа фаза нема издадено егзекватура за нашиот нов генерален конзул, кој одамна е решен да си замине. Таа работа се прави со месеци – објасни Милков.