Мермерната плоча со картата на голема Албанија денеска е отстранета од музејот кој што беше отворен овој викенд во кумановското село, јави Сител телевизија.
Како што јави телевизијата, вклучувајќи се во живо од Сопот, пред објектот е останат само каменот на кој била закачена мермерната плоча со спорната карта.
Викендов во кумановското село Сопот беше отворен музеј во рамки на меморијалниот комплекс кој е посветен на жртвите од нападот во Сопот на 4 ноември 1944 година. На настанот присуствуваше лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој потоа на Фејсбук објави фотографии од музејот, а под нив напиша: „Нашата слобода е заснована во крвта на најдобрите синови и ќерки на нашата нација, во големината на нивниот патриотизам. Вечен нека им е споменот! Слава на сите маченици и маченици на нацијата!“
Фотографијата со картата на голема Албанија предизвика бурни реакции во јавноста, а премиерот Димитар Ковачевски истакнувањето на картата го оцени како задоцнето 145 години.
Дивоградба е објектот каде што викендов, високи претставници на политичката партија ДУИ отворија меморијален комплекс во кумановското село Сопот, утврдил вонредниот инспекциски надзор на градежен инспектор од Општина Куманово.
И кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски преку соопштение испратено до јавноста информира дека објектот е дивоградба и дека општината нема издадено документација за градба. Вели дека објектот е изграден на државно земјоделско земјиште.
– Истиот е изграден на државно земјоделско земјиште, коешто во имотниот лист број 117 од катастарска општина Сопот, се води на парцела 963. Целиот објект е дивоградба и Општина Куманово нема издадено никаква документација во врска со градба на овој објект. Од страна на надлежна инспекциска служба е направен записник. Записникот е насочен кон НН лице, бидејќи од присутните лица таму никој не се пријавил дека е инвеститор или пак сопственик на објектот. Истиот записник денеска е истакнат на огласна табла – посочува Димитриевски.