Фото: Лекарска комора

Судот на честа при Лекарската комора на денешната седница донесе одлука за привремено одземање на лиценцата за работа на д-р Ваљтон Дервиши, специјалист анестезиолог, вработен во ЈЗУ Клиничка болница Тетово. Лиценцата за работа на докторот привремено се одзема за период од 7 години, што согласно правните прописи е максимална казна што може да се изрече за етички прекршок во работењето. Судот на честа утврди дека докторот сторил повреда на Кодексот на медицинска деонтологија на ЛКРСМ, како и Меѓународниот кодекс на медицинска етика. Анестезиологот, снимаше и објавуваше пациенти на одделот за гинекологија, како и вработени, на социјалната мрежа Тикток.

-Докторот на медицина својата професија треба да ја врши совесно и одговорно со почитување на човековото достоинство. Тој е должен да ги почитува и штити правата на пациентите и да ја чува нивната доверба и тајност на медицинските податоци. Почитување на етичките норми е најважната основа на која лекарите секојдевно ги практикуваат своите стручни знаења во областа на медицина и ги лекуваат пациентите. И најстручниот лекар не е доволно добар лекар ако не ги почитува етичките норми и правила. Лекарската комора како професионално здружение на сите доктори на медицина во нашата земја нема да дозволи дигнитетот и угледот на докторите да бидат загрозени од неодговорно однесување на поединци во фелата. Со денешната одлука органите на Комората како легитимни претставници на сите нејзини членови испраќаат порака дека лекарите веруваат во етичките вредности и правила и силно ќе се залагаат за нивно доследно почитување во работата – велат од комората.