Извештајот на оценската мисија на ЕУ за функционирањето на Судскиот совет содржи 40 препораки, групирани во шест сегменти – структура и компетентност на самиот Судски совет, мандатот на неговите членови, процесот на селекција и изборот на судии, дисциплинските постапки, прашањето на транспарентност и комуникација со јавноста и ресурси и финансирање.
Моменталните предизвици во функционирањето на Судскиот совет, Оценската мисија, како што беше посочено на денешниот брифинг во Делегацијата на ЕУ, ги лоцира како резултат на акумулирани проблеми кои не биле навремено и системски адресирани подолг период.
Судскиот систем е во критична точка и потребна е итна акција и Мисијата нагласува дека препораките, без оглед колку и да се добри, ако не се спроведат со политичка волја и врз принципот на интегритет, одговорност и транспарентност ќе бидат безвредни.
Вкупно 17 препораки, како што беше речено на брифингот со евроамбасадорот Дејвид Гир, се однесуваат на подобрување на праксата и работењето на самиот Судски совет и може да бидат спроведени, без никакви законски измени. Од нив, седум се однесуваат на транспарентноста и десет за изборот и унапредувањето на судии, што е клучна функција на Судскиот совет.
– Доколку Судскиот совет спроведе 17 препораки во следните неколку месеци, тоа би било револуција. За останатите се потребни законски или уставни измени, но нема причина да се одложуваат овие, со оглед на временската рамка за изборите – порача Гир.
Останатите мерки, предвидуваат уставни или законски измени и се однесуваат на тоа кој може да биде избран за член на Судскиот совет, должината на мандатот, дефиницијата „истакнат правник“, воспоставување рамка за начинот и постапката за разрешување на претседател на Советот, одговорноста на членовите на Советот, како и образложување на постапката и одлуката за санкционирање на судии.
Извештајот, како што информираа на брифингот, е веќе споделен со властите и надлежните институции и нема да биде јавно објавен. Тој содржи 40 краткорочни и среднорочни препораки, меѓу кои насоки за уставни и законски измени за подобрување на работата на Судскиот совет, транспарентноста и зголемување на буџетската автономија. Тој претставува патоказ што, како што посочија, ниту една влада, чија заложба е владеење на правото, не ќе може да го занемари.
– Очекуваме вклучување на овие препораки во сите политики поврзани со работата на Судскиот совет и судските реформи, вклучително и Стратегијата за судски реформи 2023-2027 година. Иако сето ова не може да биде спроведено веднаш, ЕУ очекува ова да биде главен приоритет на сите идните реформи, бидејќи во суштина, ова е во основата на владеење на правото и интегритетот на судството – порачуваат од Делегацијата на ЕУ.
Оценската мисија на ЕУ беше составена од тројца правни експерти од Хрватска, Белгија и Италија и престојуваше во земјава во септември годинава, каде направи анализа на правната рамка и имаше средби со сите релевантни институции, како и експерти од невладиниот сектор.