Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, преку порака на Твитер напишана на македонски го одбележа потпишувањето на договорот со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража Фронтекс, што наиде на поделени мислења од македонските корисници на социјалната мрежа, како и на негодувања и навреди од страна на бугарски и грчки твитерџии.
– Договорот со Фронтекс што го потпишуваме денес е важен. Не само поради тоа што ја зајакнува нашата соработка во полето на миграција. Туку поради тоа што е преведен на македонски јазик. На исто рамниште со сите 24 јазици на ЕУ – напиша Фон дер Лејен, при што твитот истовремено го објави на англиски и на македонски јазик.
🇲🇰 Договорот со Фронтекс што го потпишуваме денес е важен.
Не само поради тоа што ја зајакнува нашата соработка во полето на миграција.
Туку поради тоа што е преведен на македонски јазик.
На исто рамниште со сите 24 јазици на ЕУ. pic.twitter.com/KWfZbc9fKk
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) October 26, 2022
– Е многу ти фала Урсула, по македонскиот јазик ни го продаваш тука како некое огромно достигнување, впрочем, илјадници години говориме македонски, ама еве се појави ти и Фронтекс, и сега сме сите у делириум од “поддршката” – иронично ја поздрави објавата на претседателката на ЕК еден твитерџија.
Друг корисник на Твитер прашува „A како поинаку би требало да биде? Дали за ова треба да ви се клањаме?“.
Беа напишани и бројни потсетувања за Фон дер Лајен за признаената употреба на македонскиот јазик.
– Македонскиот јазик функционира како стандарден јазик повеќе од 75 години, рамноправен во рамките на Обединетите нации, со испишани илјадници страници во сите функционални стилови. Основно човеково право е правото на употреба на мајчиниот јазик затоа претанете да глумите светци – се порачува во еден од коментарите.
Грците и Бугарите, пак, здружено ја обвинуваат Фон дер Лајен за „искривување“ и крадење на историјата.
„Запомни Урсула, ние сме 11 милиони Грци и не сакаме искривување на историјата“, „плус“ ние сме седум милиони Бугари тука, кои воопшто не сакаме кражба на историјата, јазикот и културата“, се вели во два последователни коментари на објавата на Фон дер Лајен.
Претседателката на ЕК и претходно пишуваше на македонски на Твитер, по претходната посета на Скопје во јули, кога се обрати и во македонското Собрание.
– Иднината на вашата земја е во Европската Унија, а Европа не е цела без Северна Македонија. Ве сакаме во ЕУ! – напиша тогаш Фон дер Лајен.
🇲🇰 Иднината на вашата земја е во Европската Унија, а Европа не е цела без Северна Македонија.
Ве сакаме во ЕУ!
Ви благодарам. pic.twitter.com/yG51PGzhpT
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) July 14, 2022
Нејзината порака и тогаш предизвика негативни реакции, главно од македонските твитерџии, судејќи според оставените коментари.