Министерот за здравство Фатмир Меџити попладнево во Собранието пред членовите на Анкетната комисија за утврдување одговорност за случајот со издавањето терапија на ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија – Скопје порача ако има политичка одговорност да се утврди чија е. Смета дека пратениците имаат должност ако има системски пропусти, кои не се надминати, да ги предочат и да се изнајде решение.
Тој упати порака до истражните органи.
– Верувам дека кривично-правната постапка за овој многу сензитивен случај ќе има брза, правична и праведна разрешница. Виновниците мора да се знаат со име и презиме. Единствено така ќе може да ја вртиме довербата на пациентите во здравствениот систем и да ги заштитиме професионалните здравствени работници од генерални обвинувања и понижувања – нагласи министерот за здравство.
Меџити посочи дека ова не е првпат да почне истрага на Онкологија.
– Од претходните излагања на сведоци пред Анкетна комисија, од тоа што го објавија медиумите, дознаваме дека истраги на Онкологија имало и во 2012 година. Се води судски спор и за случај од 2019 година. Во два наврати полицијата интервенирала за кражба на терапија од медицинска сестра на која менаџментот на клиниката во мој мандат и даде отказ од работа – изјави Меџити.
Според него, многу е важно да не се одолговлекува целиот процес и важно е час поскоро да се дознае дали и кој, како што рече, си поигрувал со животите на пациентите. Единствено така, како што рече, ќе ја отфрлиме т.н. колективна вина која сега се наведнува не само над Клиниката за радиотерапија и онкологија – Скопје, туку и на целиот здравствен систем.
Меџити нагласи дека откако ја презел функцијата министер за здравство се залага да направи системски промени за да се спречат, како што рече, секакви злоупотреби и криминал во здравството. Пред да се дознае во јавноста за случајот со Онкологија, рече дека неколку месеци континуирано имал состаноци со новиот менаџмент на Клиниката. – Кога стапив на функција, го разрешив организацискиот директор на Клиниката, потсети Меџити.
Тој информира дека знаел оти на Клиниката постои КАТО-систем и како лекар невролог знае како се дијагностицираат тешки болести кај пациентите и како се препраќаат на Онкологија.
– Заедно со менаџерскиот тим на Онкологија зборувавме за контролните механизми на давање терапија на пациентите. Разменувавме мислења и ставови како да се надминат предизвиците со кои се соочува Клиниката. Промените во менаџментот се случија на Клиниката и овозможија секој пациент да ја добива препишаната терапија, согласно индикација, доза, типот на лекот, без никаква манипулација со лековите – појасни Меџити.
Тој тврди дека сега на Онкологија има стручен колегиум на т.н. онколошки конзилиум.
– Секоја среда, во работна седмица, на седници за кои постојат записници, се разговара за секој пациент кој треба да почне со терапија, со било кој лек од т.н.условен буџет, како и со лековите кои се на позитивна листа. Ажурирани се клиничките протоколи, стручниот тим работи по ажурирани, обновени работни верзии, упатства за дијагноза, третман и за следење на пациентите со верифицирана малигна болест – рече Меџити.
Министерот информира дека една од безбедносните мерки е ограничен број на сестри, точно по распоред, кој се прави секој ден и се има увид која сестра доаѓа во допир со нерастворен лек. Тој влез е строго ограничен и не е отворен за сите сестри од дневна болница.
Меџити тврди дека на Онокологија има воспоставено контролен систем со кој се овозможува соодветна терапија да добива секој пациент.
-За КАТО-системот за дозирање и контрола на терапија која се дава на пациентите, кои се лекуваат на Онкологија, неколку месеци пред овој случај да излезе во јавноста, се правеа финансиски анализи дали КАТО-системот да се врати во функција или да се обезбеди нов систем за контрола на терапија. Со новиот ребаланс на Буџет обезбедивме враќање на КАТО-системот кој долгорочно ќе ги спречи евентуалните злоупотреби во иднина – нагласи Меџити.
Тој порача дека во неговиот мандат нема да бидат поштедени и заштитени неодговорните, непрофесионалните, независно од која политичка партија се. – Заштитени се и ќе бидат професионалните здравствени работници и пацентите, рече Меџити.
Седницата продолжува со прашања до министерот Меџити од членовите на Анкетната комисија, пред која денеска одговараше и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, а искази претходно дадоа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и поранешниот министер за здравство Беким Сали.