Новиот државен јавен обвинител Ненад Савески денеска треба да даде свечена изјава пред претседателот на Собранието, Африм Гаши. Савески ќе биде деветти републички обвинител на Македонија од независноста во 1991 и 19-ти од 1945 година. Неговиот избор следува по оставката на поранешниот обвинител Љупчо Коцевски.
Собранието вчера со 66 гласа „за“ го избра Савески за нов државен јавен обвинител. Согласно Законот за јавно обвинителство, член 63, мандатот на државниот обвинител е шест години, со право на повторен избор.
Во изјава за МИА, Савески истакна дека негов приоритет ќе биде радикална отчетност, транспарентност и дигитализација на обвинителскиот систем. Тој смета дека најголем проблем не се платите, туку условите за работа, нагласувајќи дека „не може сиромашна институција да се бори со богат криминал“.
Најавува воведување на дигитален систем со кој ќе се следи работата на обвинителите и ќе се спречи т.н. „фиока стоп-систем“. Според него, дигитализацијата ќе помогне да се видат реалните причини за бавното постапување – недостиг на кадар, експерти, помошни служби и сл.
Вели дека не сака да издвојува предмет со кој би ја почнал работата како нов државен јавен обвинител бидејќи за него сите се еднакво важни зашто „се работи за човечки судбини“, но исто така нема да води селективна правда и секој предмет ќе се работи во согласност со законот и во согласност со роковите и принципите за работа.
Савески, кој додега беше судија во Основниот кривичен суд – Скопје, за државен јавен обвинител беше номиниран од Владата на 10 март. Во постапката за избор, покрај Савески, позитивно мислење од Советот на јавни обвинители добија и сегашната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска и обвинителката од скопското Обвинителство, Лидија Раичевиќ.
Ненад Савески е роден 1976 година, живее во Гостивар и е магистер по правни науки – казнено право. Магистрирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ во Скопје, каде што ги завршил и студиите. Правосудниот испит го положил во 2003 година. Од 2016 година е судија во Основниот кривичен суд Скопје, во одделот за организиран криминал и корупција. Претходно, од 2009 до 2016 година работел како јавен обвинител во Основното јавно обвинителство, а од 2004 до 2009 година бил стручен соработник во Основниот суд Гостивар. Во овој суд од 2000 до 2002 година работел како судски приправник.
Од експертските и меѓународните ангажмани во биографијата на судијата Савески, наведено е дека бил експерт во ОБСЕ Македонија, експерт во Национална конвенција за ЕУ – Поглавје 23, како и експерт во проекти на Советот на Европа, ОБСЕ и УСАИД.
Член е на работни групи за судски и законски реформи. Работел на проекти за посебни истражни мерки, притвор и за кривична постапка.
Од академската кариера, Савески е предавач во Академијата за судии и јавни обвинители, национален тутор и обучувач во програмата HELP на Советот на Европа, како и обучувач за човекови права и кривично право.
Тој е автор и коавтор на трудови за посебни истражни мерки, слобода на изразување, клевета и навреда, конфискација на имот, право на приватност, како и на повеќе водичи и стручни публикации.
Зборува македонски, англиски, германски, српски и основен албански јазик.


































