Левица ја поднесе предлог-иницијативата за референдум до ДИК и најави собирање 150 илјади потписи како поткрепа. Референдумското прашање по кое треба да се изјаснат граѓаните е „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година“. Од партијата велат дека не очекуваат сопки во Собранието, а референдумското прашање го следи примерот од Преспанскиот договор. Лидерот на партијата, Димитар Апасиев, очекува до крајот на неделата да биде собран законскиот минимум пописи и ги повика граѓаните да ги поддржат. Тој очекува веќе идната недела иницијативата да биде пуштена во собраниска процедура, а за 90 дена, односно до крајот на годината да бидат собрани потребните 150.000 потписи.
– Очекуваме веќе следната недела да ја пуштиме во процедура каде што би дошла пред собраниските филтри, без Џафери да изигрува уставен судија – велат од Левица.
Тие не очекуваат проблеми со прифаќањето на иницијативата, бидејќи сметаат дека е „правно коректно напишана“ во согласност со членот 24 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните. Сметаат дека Џафери не може да ја прогласи иницијативата за неуставна, оти, според нив, тој нема такви ингеренции. Но доколку според некое сценарио тоа се случи, целосно ќе го блокираат собранието.