Од историските архиви: На 6 јули 1941 година над селото Златари, Ресенско, бил формиран партизанскиот одред „Даме Груев“
Народноослободителната борба се јавува како наследник на македонската слободарска идеологија од почетокот од 20 век, а токму тоа го покажува и акцијата на партизански одред „Даме Груев“ на 2 август 1941 година во селото Смилево. На тој ден окупаторските власти организирале прослава на Илинденското востание во бугарски националистички дух токму во родното село на Даме Груев, еден од основачите на МРО. Меѓутоа тие обиди за манипулација биле попречени од страна на партизанскиот одред „Даме Груев“, кој влегол во Смилево, ја уништил општинската зграда и одржал митинг пред смилевчани, објаснувајќи ги принципите на Народноослободителната и антифашистичка борба
Народноослободителната и антифашистичка борба на македонскиот народ во Втората светска војна е континуитет и продолжување на вековните македонски стремежи за слобода и создавање сопствена држава. Периодот на НОБ има свои околности и особености, но македонските партизански одреди се пројавуваат како продолжувачи и поддржувачи на илинденската традиција и славната Македонска револуционерна организација (МРО) на Гоце Делчев. Не случајно повеќе воени партизански формации биле именувани според истакнати македонски револуционери од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Конкретен таков пример е и битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев“, кој е формиран токму на денешен ден, 6 јули 1941 година, над селото Златари, Ресенско.
Народноослободителната борба се јавува како наследник на македонската слободарска идеологија од почетокот од 20 век, а токму тоа го покажува и акцијата на партизански одред „Даме Груев“ на 2 август 1941 година во селото Смилево. Непосредно пред акцијата и по окупацијата на вардарскиот дел на Македонија од страна на царска Бугарија, слично како и во минатото, бугарските окупаторски власти започнале со обиди за асимилација на македонскиот народ врз принципите на великобугаризмот. Во оваа конотација новите бугарски фашистички власти започнале да го злоупотребуваат македонските минато, односно значајни настани и личности во контекст на Санстефанска Бугарија. Оттука, на 2 август 1941 година, окупаторските власти организирале прослава на Илинденското востание во бугарски националистички дух токму во родното село на Даме Груев, еден од основачите на МРО. Меѓутоа овие обиди за манипулација биле попречени од страна на партизанскиот одред „Даме Груев“, кој влегол во Смилево, ја уништил општинската зграда и одржал митинг пред смилевчани, објаснувајќи ги принципите на Народноослободителната и антифашистичка борба.
Според проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев од Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје, со оваа акција на Илинден, одредот Даме Груев отворено им пркосел на окупаторските власти и настојувал да покаже дека помеѓу Илинденското востание и македонската националноослободителна борба постои континуитет.
Ванчо Ѓорѓиев исто така вели дека е интересно што во списанието „Илустрација Илинден“, во текстот во кој опширно се пишува за прославата на Илинден во Смилево, нападот на Смилево е претставен како дело на млади развратни луѓе. Редакцијата на списанието исто така изразила верба дека престапниците ќе исчезнат набрзо, откако „здравата десница на власта ќе ги постави на своите места“. Според Ѓорѓиев, пишувањата на списанието „Илустрација Илинден“ биле во согласност со официјалната бугарска идеологија, наполно ја игнорирале македонската националноослободителна и антифашистичка војна и неа ја претставиле како дело на млади престапници.
По успешната акција во Смилево, партизанскиот одред „Даме Груев“ ги продолжил своите активности, а на 25 март 1943 година во состав на овој одред влегол битолскиот НОПО „Јане Сандански“ и тогаш одредот имал 36 борци. Поради засилените дејства на бугарските и италијанските сили, на 5 април одредот се префрлил на костурско-леринското подрачје, каде што, заедно со леринскиот партизански одред „Вичо“, учествувал во борбите против месните контрачети (април-мај 1943). Во тој период во одредот имало зголемен прилив на нови борци.
На 20 мај од борците од Битолско бил формиран новиот битолски НОПО „Гоце Делчев“. Потоа одредот се вратил во Преспа, а на 17 јули главнината од одредот преминала во Дебрца, каде што извршувала диверзантски акции и влегла во составот на новоформираниот баталјон „Мирче Ацев“. Делот од одредот што останал во Преспа, по капитулацијата на Италија, на 12 септември, заедно со битолскиот НОПО „Гоце Делчев“, кај селото Љубојно разоружил над 200 италијански војници, а во ноември 1943 влегле во составот на битолскиот баталјон „Стив Наумов“.
Истакнати борци на партизанскиот одред „Даме Груев“ се: Ѓоре Велкоски-Косте (командир), Наум Веслиевски-Овчарот (заменик-командир), Јосиф Јосифовски-Свештарот (политички комесар), Илија Спировски-Панде (заменик-политички комесар), Тодор Ангеловски-Строгов, Петар Божиновски-Кочо, Естреја Овадија-Мара, Гавро Пановски-Јуноша, Петар Љутовски-Малчик, Вангел Нечевски-Тунело, Ристо Тодоровски-Фет, Виктор Мешулам-Бустрик, Пепи Песо-Цане, Илија Ивановски-Томе, Ламбе Бошевски-Јани, Крсте Соколовски-Јордан и др. Д.Ст.