Заменик-помошник државниот секретар на САД, Габриел Ескобар, повторно е во посета на Македонија и овој пат во улога да ги поттурне работите што некаде подзастанале, во мисија на добра намера, земјава да напредува и што поскоро да стане дел од Европската Унија.
САД беа тие што со години го насочуваа ветерот во едрата на македонскиот брод во немирни регионални и меѓународни води, од признавањето на Македонија под името Република Македонија, преку склучувањето Договор за стратегиско партнерство, па сѐ до членството во НАТО. САД сега се истиот тој ветер што ја турка нашата земја кон ЕУ.
Ескобар се сретна со политичките лидери во земјава за да им пренесе дека САД очекуваат по членството на земјава во Северноатлантската алијанса, таа да стане дел и од европското семејство, така што неговата посета е да се придвижат работите во таа насока.
И додека заменик-помошник државниот секретар на САД се среќава со македонскиот државен и партиски врв, мнозинството од граѓаните немаат можност непосредно да се сретнат со него, па делот од „седмата сила“, која непосредно го апсорбира и гласно го искажува и застапува јавниот интерес преку „Нова Македонија“, медиум што се роди од народот и растеше заедно со македонската држава, му испраќа отворено писмо, за да слушне што мисли овој народ за сопствената иднина.
Отворено писмо до заменик-помошник државниот секретар на САД, Габриел Ескобар
Почитуван господин Ескобар,
Историски отсекогаш Македонија и македонскиот народ како целина биле слободољубиви, правдољубиви, ги сакале и постојано тежнееле кон највисоките демократски цели! Најдобар доказ за тоа Ви е фактот дека низ историјата, без исклучоци, се наоѓал на вистинската страна, на чесните и слободоумни народи што се бореле и за своите правдини, но и за правдините на народите во регионот во чие опкружување се наоѓа Македонија. Македонците биле решителни против злото, против фашизмот, против сите нови облици на тиранија и загрозување на демократијата и човековите права. Да, се разбира дека тоа Ве потсетува на некого: Со сигурност на САД!
Македонскиот народ сè уште е слободољубив и правдољубив. Ниту еден народ на Балканот не покажал таква национална унисоност кон тие универзални, демократски, правдољубиви цели и во сојуз со сојузниците: народот во Грција беше поделен со анархофашистички режим, Бугарите во двете светски војни цврсто застанаа не на сојузничката страна, туку на страната на злото за остварување недемократски хегемонистички цели, а ништо поинаку не постапи ниту Албанија, која отворено се стави во служба на фашистичка Италија и на Германија. И во другите соседни држави беа внатрешно национално поделени при што соработувале отворено со фашистите. Но во Македонија кај целокупниот народ досега, а и отсега, такви дилеми немало! Сите граѓани биле со јасни слободарски, демократски и напредни идеи, за мир, толеранција, меѓусебно почитување, заедништво, она што денес недостига во многу држави што себеси се декларираат за демократски. И со таков уникатен темел, вграден во нашата државност, ние Македонците се гордееме!
Овие сегашни луѓе тука се потомци на истите тие нивни предци, ги носат истиот слободарски и демократски дух и ген! Затоа Македонија од сите држави на поранешна Југославија се одвои мирно, без војна, без испукан куршум кон никого. Тоа е големината на еден народ, да ги сака и почитува сите, без оглед на неправдите што му ги нанеле.
Затоа, почитуван господин Ескобар, бидете уверени дека Македонците имаат неверојатен сенс за правдољубивост и демократија, па затоа нема никаква потреба меѓународната заедница, а особено ЕУ, да притиска толку многу, бидејќи единствена наша цел е приклучување кон демократскиот развиен свет по правила и процедури што важат за сите, а не дополнително креирани, од некои опскурни кујни. Ниту еден македонски граѓанин не е против внесување на Бугарите во Уставот, но е против што тоа се прави на ваков начин, ставајќи ја земјава под ултиматум, или Бугарите во Уставот, или нема ЕУ. Тоа е однесување на политички и правни насилници и на таквите не им е местото во демократскиот свет. Македонија не сака насилство, а уште помалку насилници што ќе ѝ диктираат што да прави. Пет века истрпела такви насилници и во ниту еден момент не го изгубила чувството за праведност и демократија, така што ниту сега нема да го изгуби. Доволно е да ги погледнете Крушевскиот манифест од пред повеќе од стотина години или, пак, Манифестот на АСНОМ од пред осумдесетина години и сè ќе ви стане јасно какви вредности се негуваат тука, во Македонија.
Иако сме мала држава, сепак имаме достоинство и сакаме и другите да нè почитуваат како рамноправен партнер, а не како уценета земја што морала да се откаже од сопственото име, државни белези, од историјата, од мајчиниот јазик, небаре од целокупниот идентитет, за да влезе во европското друштво.
Македонија апсолутно e благодарна за подадената рака од страна на САД од oсамостојувањето и признавањето под уставно име, па до денес, особено за несебичната поддршка на Американците во 2008 година, кога по блокадата на Грција за зачленување на Македонија во НАТО, САД со Договорот за стратегиско партнерство всушност јасно ставија до знаење дека македонските граѓани можат да спијат мирно бидејќи ја уживаат американската поддршка во секој поглед. И така беше, а така и продолжува да биде.
Македонија е вистински почестена со самото тоа што Америка, тргнувајќи од нејзиното уверување за тоа за каков благороден и честит народ се работи, нè одбра нас како стратегиски партнер.
Ете, токму како таков стратегиски партнер, неопходно ни е Америка сега посериозно, решително, во духот на универзалната правда и перемторното право да се заземат за да ѝ помогнат на земјава да излезе достоинствено од оваа позиција „меѓу чекан и наковалнa“ во која беше внесена поради неразумните и опортуни политики на соседите, кои се во флагрантна спротивност со меѓународното право и демократските принципи на современиот свет.
Почитуван господин Ескобар, САД јасно ставија до знаење дека „се заземаат во името на граѓаните“ и затоа ние, јавноста и мнозинството граѓани, без никаков политички, етнички или конфесионален багаж, ви се обраќаме директно вам оти не сакаме никој да нè става во некаков инструментализиран контекст. Тука нема место за политички партии и агенди, туку ова е само крик на обичниот човек да го слушнете вие, оти голем дел од нашите политичари одамна не го слушаат крикот на народот и се грижат исклучиво само за тесни интереси. Македонците во Американците ја гледаат сета надеж за системски реформи и одржлив развој: за поефикасно владеење на правото, справување со корупцијата во земјава, за подобри економски врски, но и за конечно отфрлање на визите за македонските граѓани, да можат слободно да ги посетуваат САД и да остваруваат уште потесни врски. Многу Македонци заминаа во САД уште кон крајот на 19 век, работеа и придонесоа САД да станат она што се денес. Многу и денес придонесуваат.
Почитуван заменик-помошник државен секретар, далеку дека ние Македонците сме против Европа и против зачленувањето на ЕУ! Тоа не е вистина! Нема граѓанин што не се залага за негување на универзалните морални и етички општочовечки вредности, но сакаме тој пат да го изодиме со гордо крената глава, а не понижени и уценети од некој што е далеку од демократските вредности за кои САД се борат и бараат да се воспостават на секоја точка од планетава.
Верувам дека често ги цитирате зборовите на Мартин Лутер Кинг, „Јас имам сон“, па така и ние Македонците имаме сон конечно да можеме да живееме слободно во својата татковина, Република Македонија, онака како што се препознаваме самите, онака како што нè признавте, наместо да прифаќаме преименувања, промена на белезите, јазикот, историјата, само за да се задоволат барањата на соседните држави, кои се во крајна спротивност со она што значи вистинска демократија. Тоа е нашиот кошмар, а не сонот за еднаквост за кој говореше доктор Кинг.
Вие сте целосно свесни дека и досега сме направиле тешки отстапки, го знаете и го чувствувате тоа, така што можеби најдобро е вие, како САД, наш стратегиски партнер, да повлечете јасна црта и да кажете „доста е! со уцените кон нашиот стратегиски партнер“. Тие се Македонци, зборуваат македонски јазик, имаат право на своја историја и за САД тоа е запечатена работа. Знаете дека Македонија жртвуваше многу повеќе од која било земја што е подготвена и да помисли да жртвува, за повторно да е во некоја чекалница чекајќи го европскиот воз, кој можеби никогаш нема да дојде. Но американската локомотива е тука и таа треба да влече напред кон прогресот и кон она што значи демократија, владеење на правото, борба со корупцијата и заштита на човековите права.
Господин Ескобар, овој народ со вековните борби и со своето однесување заслужи да биде носител на сопствената државност, а вие можете да инсистирате така да биде заведен во највисокиот правен акт и со тоа да му се оддаде признание за вековниот стремеж за сопствена држава и демократскиот светоглед што го имал низ вековите. Тоа за Вас е најприродно што можете да го направите, а за нас тоа би било нешто колосално!
САД се тие што треба јасно и недвосмислено да го потврдат унитарниот карактер на државата, а унитарноста најдобро се гарантира така што сите ќе се обединат околу носечкиот државотворен народ, македонскиот, и Македонија ќе биде единствена држава и татковина за сите што живеат овде, без соништа за други големи држави и дефилирање со туѓа иконографија, која секогаш на овие простори била инсталирана однадвор, под превезот на злото и темните сили низ историјата.
Господин Ескобар, зошто со сила да нè прават внатрешно де факто и де јуре сегментирани како нација и држава, да се претвориме во извор на поделби, а со тоа да генерираме политичка, безбедносна, економска нестабилност кога не сме такви по својата природа? Нема потреба од такво нешто. Напротив! Македонија треба да биде примерот за тоа како да се устројат демократиите низ целиот Балкан, па и пошироко.
Затоа со целосен респект кон американската дипломатија, сепак адресата каде што треба да се притисне се наоѓа источно, во Софија. Таму ќе ги видите луѓето што тврдат дека нема Македонци, македонски јазик и македонска историја… Повеќе од очигледно е дека оваа Бугарија и овој пат се обидува она што не го остварила за време на Втората светска војна како дел од Тројниот пакт, сега да го направи користејќи ја ЕУ како своја алатка.
Почитуван заменик-помошник државен секретар, Македонија секогаш била на вистинската страна, на страната на правдољубието и така и ќе остане. Уште на почетокот на 20 век американските весници пишуваа за храбрата борба на Македонците за сопствена држава, за тоа како на оваа територија, на која тогаш не можеа да ја заокружат сопствената државност, живее еден горд македонски народ заедно со многубројни малцинства, со меѓусебно почитување, толеранција, разбирање и соживот, соживот што е пример и по цел еден век.
Затоа, на крајот, токму весникот со најдолга традиција во Македонија, односно редакцијата на „Нова Македонија“, спроведувајќи ја агендата на својата професионална мисија, непоколебливо втемелена на принципите и кодексот на новинарството, дава сè од себе да ја пружи единствената можност да слушнете што мисли обичниот народ, не луѓето во скапи костуми, кои се ваши домаќини и Ве гоштеваат наоколу со народни пари. Овој народ ги доживувал САД како голем пријател и тоа чувство и натаму е широко распространето во македонското општество.
Европа длабоко разочара во оној момент кога ги прекрши сите дадени ветувања, но САД беа константни во поддршката и затоа уживаат поголема доверба кај граѓаните.
Не е проблем внесувањето на Бугарите во Уставот, проблем се пораките од таа страна на границата, дека нè нема, дека не постоиме, дека сме измислени, дека говориме туѓ јазик…
Господин Ескобар, ако нечиј сон на времето сега е реалност во САД, дозволете и нашиот македонски сон да стане реалност. Вие најдобро знаете како.
Ви посакуваме пријатен престој и добар пат.
„Нова Македонија“