Немам никакво разбирање на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за референдум, станува збор за манипулација која Христијан Мицкоски ја прави прилично неочекувано, изјави вечерва претседателот Стево Пендаровски.
Зборувајќи во интервју на телевизија Канал 5 дали е за референдум за францускиот предлог, Пендаровски рече дека тоа што Мицкоски ги прави е политичка мобилизација на своето членство.
Тој претходно предложи доколку се одржи референдумот што го најавува опозицијата, тогаш референдумското прашање да гласи „Дали сакате да одите во ЕУ под вакви услови?“. За тоа лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски изјави дека консултациите со експертите и во партијата конвертитале кон она што го кажал и претседателот Пендаровски.
Пендаровски предлага референдумско прашање: „Дали сакате во ЕУ под вакви услови?“
– Се мачат да направат формулација, точка 4, алинеја 5 ќе ја оспоруваме од рамката. Знаете што е тоа? Тоа е Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија. Не може да влезеш во ниту во Европа, ниту во НАТО, ако немаш договори со комшиите. Јас велам, повелете прашајте, но фер е да кажете дека сте против. Само едно прашање за мене е релевантно, дали сакате Република Северна Македонија да биде членка на ЕУ, толку – изјави вечерва Пендаровски.
Тврдам, рече Пендаровски, дека на вака чисто прашање, про-европската коалиција ќе ја победи анти-европската коалиција составена од ВМРО-ДПМНЕ и Левица.
– Ако не биде така. Сите ние што сме сега на ова место ќе се повлечеме и ќе речеме повелете терајте, имате многу широки опции, имате движење на неврзаните, имате Азија, имате Русија… – рече Пендаровски.
Прашан зошто се брзало со прифаќањето на францускиот предлог, Пендаровски рече дека во својот дел, ја признава вината во, како што рече, лошото менаџирање на очекувањата во јавноста.
– Медијаторите од Брисел и Париз рекоа додека не е договорено се, се смета дека ништо не е договорено, и не треба ништо од тоа да оди во јавноста. За жал, ние тоа го почитувавме, но нашите другари, колеги и пријатели од Софија не го почитуваа – изјави Пендаровски.
Според него, штетата со шпекулациите во јавноста веќе била направена и можеле уште шест месеци да ја објаснуваат, но, како што рече, веќе добар дел од народот бил изманипулиран.
– Доцна го објавивме протоколот, доцна го објавивме предлогот. Меѓутоа, сега откако е објавен го има на интернет. Велам, кажете каде пишува ние само како Бугари ќе влеземе во ЕУ. Покажете ми, каде пишува… нигде – изјави Пендаровски.
Реално ситуацијата, посочи Пендаровски, е дека од првичните барања на Бугарија и првичната бугарска декларација, нема неколку од нивните клучни барања.
– Прво до 44 година да пишеме во учебници и секаде дека ние сме биле Бугари. Тоа го нема во рамката. Второ, македонскиот јазик бил до 44 година дијалект на бугарскиот јазик. Тоа го нема во рамката. Од 41 до 44 година биле „администратори“, а не „окупартори“, и тоа го нема во рамката. Точка 12 од Договорот вели еднаш годишно владите се собираат и велат да видиме до кај сме сега и што сме постигнале – изјави Пендаровски.
Ние, нагласи Пендаровски, очекуваме разумно однесување од другата страна, но и дека повторно може да има неразумни барања.
– Гаранции има дека европската рамка не содржи понижувачки ставови за македонскиот народ. Мислам дека сме на јасно и на хартија пишува дека рамката не е понижувачка за македонскиот народ – изјави Пендаровски.
Комисијата за историски прашања, Пендаровски рече дека работи веќе три години од 2019 и покажале дека таму се луѓе со интегритет и дека сите се експерти.
– И со ова што досега го договорија историчарите ние почнавме преговори. Значи некакво движење имаме. Како ќе биде понатаму, јас имам апсолутна доверба во луѓето од Драги Георгиев, до последниот член на Комисијата – рече Пендаровски.
Единствениот начин да се додржиме во државава е со ум и со балансирање меѓу различните етникуми, религии, луѓе кои живеат тука, порача Пендаровски.
Прашан „како гледа на улогата на претседателот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) Љупчо Коцарев во однос на неговите ставови против договорите со Грција и Бугарија и текстот во кој наведува дека последниот Македонец ќе исчезне во 2084 година, како гледа на институцијата и генерално дали има шанси да се разбреме ние Македонците?“ тој рече:
-Во однос на тие негови писанија не би се потресувал толку многу што напишал господинот Коцарев затоа што се работи за физичар, кој од меѓунатродна политика, внатрешна политика, етногенеза, се разбира колку што јас се разбирам во атомска физчка, значи, многу малку или воопшто не се разбира. Мене ме чуди друга работа, таму постојат луѓе во раководството на МАНУ кои се со завидни референци, професионални, лични, политички, и кај нив има молк. Тие молчат. Зошто мислам дека тие би морале да заземат позиција и да кажат јавно што мислат? Затоа што во последниот текст на дотичниот господин стои дека тој заедно со МАНУ од септември ќе го просветувал и ќе го будел македонскиот народ. Би било интересно да се види, или господинот Коцарев мисли да ја регистрира МАНУ како политичка партија па да учествува на избори и тогаш другите академици ќе треба да кажат каде се гледаат себеси во тој нов политички субјет и тоа значи како институција заедно ќе го освестуваат Македонецот, а другиот резон зошто мислам дека тие мора да излезат час поскоро во јавноста е затоа што МАНУ има многу лоша репутација. Паметите, 2001 година, таа институција излезе со еден стравичен документ со размдена на луѓе и територии и тоа наспроти перцепциите и заложбите на некои академици кои сакаа се тоа да го стават само на грбот на покоен академик Ефремов- тоа не е точно, целокупното раководство на тогашно МАНУ го разгледуваше документот за размена на луѓе и територии. Десетина години подоцна истата таа академија излезе со некаква македонска енциклопедија, самите ја повлекоа од срамови, затоа што главните нивни референтни точки се потпираа на извори како Википедија и кафеанси озборувања.
-Мислам дека од тој аспект уште еден девастирачки документ или став, бидејќи овие ставови се девастирачки или се на моменти дури и профашистички, во една ваква хетерогена држава се многу опасни и бараат час поскоро раководството на Академијата да каже што мисли во однос на тие предлози и дали навистина имаат намера да го будат Македонецот од септември натаму – наведе Пендаровски.
Во коментар на тоа дека „некој можеби би помислил дека има ваков став поради тоа што се споменува дека можеби ќе биде канидидат“ Пендаровски рече дека воопшто не размислува за втор мандат.
-Воопшто не размислувам за втор мандат, само ви кажувам дека реалноста е таа. Тие ставови се опасни, но не ме чуди што доаѓаат од човек кој е физичар, мене ме чуди што овие другите кои имаат завидно и политичко искуство, некои од нив биле и министри. Многу добро знаат, единствениот начин во оваа земја да се додржиме не е со куршум туку со ум и со балансирање меѓу различните етникуми, религии, луѓе кои живеат тука. Македонија е таква, постои внатрешна структура и ти ако почнеш да викаш Македонците се разнебитуваат против Албанците и Албанците против Македонците – рецепт за катастрофа – рече Пендаровски.