Изјавите за „нефункционалноста на македонското институционално поблиско минато“ се деградирање на сета македонска државност
Изјавата во јавноста од највисока државна позиција дека Македонија во деведесеттите години на 20 век, по прогласувањето на независноста, била „држава без своја валута, држава без државни резерви, држава без надворешна политика, држава со институции што практично и не постоеја“ е малку несмасна, велат експертите. Таа прозвучи во прилог на бугарските позиции, кои го негираат македонскиот континуитет, функционирање во поблиската историја, па и постоење… Со таквата изјава практично се оспори воспоставувањето на македонската државност и од 1944 година со АСНОМ, во рамките на југословенската федерација, сѐ до 1990 година…
Синдромот на самосожалување, самонегирање и обиди за промовирање „институционална амнезија за институционалната меморија“ во функција на некаква сопствена промоција ги урива континуитетот и традицијата на македонската државност. Тоа нема да направи чувство на сожалување од страна на светските моќници и заради тоа да ни помогнат и на тој начин да се доближиме до нив. Таквите наши јавни истапи, според пиар-експертите, се само во прилог на оние што го негираат нашето постоење како народ и држава. Еве зошто, според нашите соговорници, се ваквите реагирања во јавноста…
Имено, на заедничката прес-конференција со Ескобар, по средбата во Владата, македонскиот премиер Димитар Ковачевски, испраќајќи порака до пратениците во Собранието (кои треба да одлучат за процесот на уставните измени), аргументираше за придобивките од членството на Македонија во ЕУ и се чини, според познавачите на „технологиите за јавен настап“, забразди несвојствено нејасно во споредбите на „тешкото недефинирано минато“ на македонската држава и актуелната состојба со перспективите што ѝ се нудат со уставните измени.
Македонија од блиското минато со „државни институции што практично и не постоеле“!?
– Пораката што повторно ќе ја упатам до пратениците е дека тие се претставници на граѓаните. Граѓаните многу јасно кажуваат дека сакаат да бидат дел од Европската Унија. Пратениците треба да бидат дел од европската идеја за Македонија. Тие се тие што ја зеле одговорноста и честа да ги застапуваат граѓаните во Собранието и тие се тие што утре ќе бидат запишани во историјата како личности што ѝ обезбедиле европска иднина на државата. Јас сум горд на сите пратеници во нашето Собрание, на секој поединечно, што биле дел од носењето на важните, стратегиски и тешки одлуки за државата, кои придонесоа од држава што произлезе од воениот виор на Југославија, во 1990-тите години – држава без своја валута, држава без државни резерви, држава без надворешна политика, држава со институции што практично и не постоеја – денес сме држава што е фактор на стабилноста на Балканот, држава што е членка на НАТО, држава што претседава со ОБСЕ, држава во која други држави, кои имаат отворени прашања, разговараат помеѓу себе… Затоа, верувам дека следното нешто е дека ќе бидеме полноправна членка на Европската Унија – кажа Ковачевски на прес-конференцијата како одговор на новинарското прашање што ќе им порача на пратениците.
На македонската јавност, па и на упатените евробриселски функционери, како и на заинтересираните за Западен Балкан, претставници на американската администрација (конкретно Габриел Ескобар), познато им е дека причината за барањето Македонија да спроведе уставни измени е условувањето на официјална Софија да бидат додадени Бугарите во текстот на преамбулата на македонскиот конститутивен акт.
Претставниците на македонската официјална политика, кои всушност преговараа за ова решение, познато како француски или европски предлог на преговарачката рамка, тврдат дека тоа е најдоброто што можеле да го добијат, во услови кога Бугарија претходно барала нотирање на нивната верзија дека македонскиот народ (нација), јазик и државност постојат од 1944 година, а претходно биле бугарски. Токму поради тоа, односно согледувањето на речиси 80 отсто од македонската јавност, дека овие уставни измени се всушност заобиколен пат за потврдување и верификување на бугарските позиции низ преговарачкиот процес со ЕУ, не дава поддршка за нивно усвојување.
Засега, опозицијата во Собранието опстојува на ставот дека нема да даде поддршка за двотретинско мнозинство, колку што е потребно да биде усвоена и оваа измена на Уставот.
Во тој контекст, изјавата на премиерот за Македонија во деведесеттите години на 20 век, по прогласувањето на независноста, како „држава без своја валута, држава без државни резерви, држава без надворешна политика, држава со институции што практично и не постоеја“, звучи како да им оди во прилог на бугарските позиции, кои го негираат македонското народносно постоење, практично оспорувајќи го воспоставувањето на македонската државност и од 1944 година со АСНОМ, во рамките на југословенската федерација, практично сѐ до 1990 година.
Непобитен факт е дека Македонија пред прогласувањето на независноста и распадот на Југославија беше стабилна држава со стабилни институции
– Таквите непромислени изјави од високопозиционирани македонски политичари се исклучително штетни за стабилноста на Македонија. Самопоништувањето на потврдените елементи и временски периоди на државноста на Македонија е опасно воопшто во меѓународните односи, а особено во овој историски контекст на уцени и притисоци на кои сме актуелно подложени. Непобитен факт е дека Македонија пред прогласувањето на независноста и распадот на Југославија беше стабилна држава, со стабилни институции. Дали ваквото гледиште значи дека кога ќе влеземе во ЕУ (кога и да се случи тоа), треба да го поништиме и ова сегашно институционално постоење и функционирање на Македонија? Таквиот однос спрема институционалното постоење на својата држава сериозно упатува на недостиг од политичка култура и писменост – вели академик Катица Ќулавкова.
За контекстот во кој е искажана изјавата за „речиси непостојни македонски институции“, прес-конференцијата со помошникот на заменик-државниот секретар на САД, Габриел Ескобар, академик Катица Ќулавкова прашува кого со посетата на Македонија, тој всушност преставува – САД или ЕУ? Според неа, лобирањето на висок претставник на САД за условите и начинот на евроинтеграциите на Македонија всушност претставува мешање во внатрешните работи и на Европската Унија.
– Ако беше посредничка мисија и дијалог, зошто американските претставници не одат во Софија или претходно во Атина, па и во Брисел, туку се влијае само во Македонија? Ваквиот начин на посредништво е само девалвирање на парламентарното носење одлуки, против македонскиот национален интерес, против безбедноста на Македонија и спротивен на самиот поим демократија – констатира академик Ќулавкова.