Неможноста Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК да ги потпише колективните договори за основно и средно образование поради немање репрезентативност е преседан. СОНК за основно и средно образование нема репрезентативност не од причина што нема доволен број на членови, напротив има многу повеќе од законско утврдениот број и е трипати поголем од вториот по ред синдикат, туку само единствено до опструкцијата на Комисијата за докажување на репрезентативност, порача денеска претседателот на СОНК Јаким Неделков.
-Иако бевме на прагот на потпишување и беа усогласени текстовите за основно и средно образование на колективните договори и иако поминаа и јавните расправи и усогласување на текстот со јавните расправи сепак не успеавме до денот на објавување на изборите да ги потпишеме поради тоа што Министерството за финансии не обезбеди средства иако мислевме дека има волја и желба во МОН да се потпишат. Посериозната причина е поради тоа што неколку години Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) и СОНК како дел од неа не може да обезбедат репрезентативност – рече Неделков на прес-конференција.
Како што истакна, СОНК пред една година и 10 дена има поднесено документи за докажување на репрезентативност и до денеска Комисијата за докажување на репрезентативност, која е под директна надлежност на Министерството за труд и социјална политика, не ги зема во обѕир. Еднаш, рече, е побарано докомплетирање на документацијата што и го направивме, но Комисијата не се состанува. Членовите на Економско социјалниот совет, додаде, се и членови на Комисијата за докажување на репрезентативност, а тоа се по три члена од Сојузот на синдикати на Македонија, Организацијата на работодавачи и по еден од министерствата за труд и социјална политика, за финансии и за економија.
-Ова го цениме како злосторничко здружување на членовите на комисијата диригирани основно се сомневаме од еден центар. Членовите организирано прават опструкција, односно на закажани седници во поседен момент информираат дека не се во можност за присуствуваат. Тоа го прават наизменично и сметам дека се договараат. Тоа истото се прави и со КСС. Целта е да се нема репрезентативност и да не се потпишат колективните договори, а со тоа да паѓа и довербата во синдикатот – рече Неделков и покажа документација за која тврдеше дека ги докажува нивните тврдења.
Најави дека членовите на СОНК нема да седат со скрстени раце шест месеци заради претседателските и парламентарните избори и додаде дека во наредниот период ќе преземат поконкретни чекори. Смета дека и во услови на техничка Влада може да се добие репрезентативност бидејќи не треба да се менуваат закони, туку само да се утврди фактичката состојба.
-Одговорност за недобивањето репрезентативност мора да има. Некој за оваа работа ќе поднесе политичка одговорност, а некој и кривична. Нашите членови најмалку шест месеци ќе трпат штета од непотпишувањето на колективните договори со што ќе загубат многу повисоки права од постојните со сегашниот колективен договор кој не е лош, но е доста застарен. Пред се би трпеле во делот на зголемени права за јубилејни награди, регресот за годишен одмор,…, усогласувањето на платите со порастот на минималната плата. Веројатно некој се плаши ако СОНК добие репрезентативност дека и КСС ќе добие репрезентативност и така ќе се докаже дека КСС е репрезентативен синдикат во јавниот сектор и ќе учествува во работата на национално ниво. На тој начин некој, кој сега се тапка во гради дека е единствениот репрезентативен синдикат, ќе ја изгуби репрезентативност. Токму оттука потекнува и злосторничкото здружение – рече Неделков.
Нагласи дека актите кои се изработени во новиот колективен договор се нивни нови „црвени линии“ од кои во иднина нема да отстапат. За се, како што кажа, е информиран и новиот технички министер за труд и социјална политика, а веќе ја информирале и Европската и Светската конфедерација на синдикати, како и Меѓународната организација на трудот.