Според него, причините за компликациите со резултатите за верска определба треба да се бараат и во методологијата, неедуцираноста на попишувачите и попишуваните, како и на политиката на бојкотирање
Методологијата на попишување, неедуцираноста на попишувачите и на попишаните, но и политиката на бојкот се дел од причините поради кои настанале компликации со пописните резултати во делот на верската определба на граѓаните, смета Даријан Сотировски, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи.
Вели дека од Државниот завод за статистика (ДЗС) не ги консултирале како Комисија пред почетокот на пописот.
– Државниот завод за статистика ја нема консултирано Комисијата за односи со верските заедници околу попишувањето на религиската припадност на граѓаните во рамки на пописот на населението за 2021 година – вели Сотировски.
Резултатите од пописот што ДЗС вчера ги објави, а се однесуваат на верската определба на граѓаните предизвикаа реакции на јавноста.
Во резултатите од пописот има графа „христијани“ (покрај оние како „православни“, „католици“, „протестанти“…), за која според религиската припадност се изјасниле дека припаѓаат 242.579 граѓани. Јавноста останува збунета како е направена оваа припадност, дали и на која црква, верска заедница, или религиозна група припаѓаат оние кои се определиле само како „христијани“.
Според него, видно од усвоената методологија е дека изјаснувањето по овој основ е оставено како изјавување на припадност во слободно поле, а не избор од понудени опции.
Кои се „христијаните“ што се појавија во пописот?
– Ценам дека од два фактори е условена несоодветноста на резултатите со состојбата на теренот, а тоа се процентот од 13,21 отсто изјаснети како христијани, што е религиска припадност, која инкорпорира вероисповедување преку деноминациите, како и процентот од 7,2 на граѓани за кои не се внесени детални пописни информации. Ваквата слика ќе остави нејасен формален впечаток за верската карта во државата, иако ценам дека во делот на православните христијани на теренот реално не дошло до намалување на процентуалната застапеност. Но, нејасно ќе биде и тоа што во Единствениот судски регистар има 42 регистрирани верски субјекти, а немаме соодветна нивна претставеност во резултатите – вели Сотировски.
На што се должи ваквото изјаснување е прашање кое заслужува анализа од стручни лица, смета тој.
– Сигурно дека причините треба да се бараат и во методологијата, неедуцираноста на попишувачите и попишуваните, како и на политиката на бојкотирање – заклучува директорот на Комисијата.