Како досега никому не му текнало да направи филм од „Куќичка“

Писателите за романите на Оливера Николова

Издавачката куќа „Арс ламина“ го реобјави целокупното творештво, 12 книги за возрасни, на познатата писателка Оливера Николова. Книгите, кои се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, се во ново руво и со нови поговори од значајни македонски професори, книжевници и писатели. Станува збор за насловите: „Куклите на Росица“, „Тесна врата“, „Куќичка“, „Тромбот“, „Адамовото ребро“, „Збогум Вано, Ванке…“, „Пешаци по црни полиња“, „Белиот чад“, како и „Вежби за Ибн Пајко“ во исто издание со „Песот со тажен поглед“ и „Лева комора“ во исто издание со „Кадифената покривка“.

– „Куклите на Росица“ е еден од ретките македонски национално-историографски романи напишани од жена. Наспроти Оливера Николова, за ваквите (речиси романтичарски) национално-историски теми има пишувано цела една плејада македонски класици, како Петре М. Андреевски, Коле Чашуле, Стале Попов, Ѓорѓи Абаџиев… – вели Елизабета Баковска за романот.
Николова во својот прв роман за возрасни „Тесна врата“ ја раскажува сложената приказна за загадочното исчезнување на Петра со многу акрибија, луцидност и писателска ревност, небаре самата морала да помине низ некоја „тесна врата“. Според Кица Колбе, асоцијацијата е оправдана, затоа што и таа по дваесет години успешно творештво за деца се осмелува да го освои „непознатото“ – царството на романот за возрасни.

Румена Бужаровска пишува за романот „Куќичка“.
– Се чудам како досега никому не му текнало да направи филм од овој роман. Парадоксално, иако се вика „Куќичка“, тој постојано се движи. Тој е напнат од чувството на мистерија, тој е во постојана трансформација, тој е и интимно и политички возбудлив – вели таа.

За „Тромбот“, Владимир Мартиновски ќе каже дека Николова истовремено создала слоевита и исклучително пластична слика за уривањето и изместувањето на системот на вредности, кој се дијагностицира токму преку врските меѓу спортот и човековата природа.

Калина Малеска зборува за нејзиниот роман „Адамовото ребро“, кој, според неа, се издвојува во македонската книжевност по својствата на протагонистката, која не се плаши од своите избори во животот, неконвенционални за времето во кое живее.
– Автентичните писатели како Оливера Николова секогаш читаат помеѓу редовите, умеат да ги декодираат навидум „невидливите“ причинско-последични релации и интуитивно ги препознаваат оние загадочни сигнали што „бликнуваат“ од таканаречениот поттекст. Романот „Збогум, Вано, Ванке…“ е „составуван“ токму од тој и таков материјал. Формално невидлив. Како и секоја фикција – вели Јелена Лужина.
Оливера Николова во „Пешаци по црни полиња“, според Гоце Смилевски, преку индивидуалните судбини на главните ликови ги отсликува општествените состојби и процеси во времето во кое тие живеат, а тоа е времето што ни е добро познато: нашето „вчера“, кое траеше повеќе од две децении – времето на транзицијата.

За Никола Гелевски, Оливера Николова е одлична портретистка, виртуозна создавачка на атмосфера и неуморна барачка на суптилни детали.
Катица Ќулавкова, пак, смета дека контактите меѓу историската стварност, народното предание и колективната меморија го прават светот на романот „Вежби за Ибн Пајко“ да биде живописен.
– Авторката нема цел во својот роман да прикаже една историска вистина, туку да покаже дека е кревка границата меѓу историската вистина и илузијата: и вистината може да стане илузија, и илузијата – вистина – вели таа.
Давор Стојановски пишува за романот „Песот со тажен поглед“, кој не е исклучиво историски или воен роман, туку е повеќе роман за тоа како војната го втиснува мрачниот печат врз индивидуата.

Според Оливера Ќорвезироска, пак, задачата што Оливера Николова си ја поставила себеси во „Кадифената покривка“ е да ги оживее личните приказни на убијките, да ги открие и долови мотивите на злосторствата, да ги дешифрира и да ги „реши“ според одличната, проверена и препознатлива сопствена раскажувачка формула; да ги направи разбирливи, да ги донесе блиску пред нас…

Владимир Јанковски зборува за романот „Лева комора“ – книга за опачината на појавите и нештата.
– За личните погледи, перцепции, доживувања и светови, кои остануваат во заклучената соба на интимата. За тивката потреба да не се каже. Книга за деконструкцијата на надворешната реалност составена од согласувања и хармонии. За деструкцијата на лагите од кои многу често е изградено нашето секојдневие. Книга за женскиот крик. Често тивок и безгласен, а сепак крик – вели Јанковски.