Советот на округот Кукс во Албанија постхумно го прогласи Назиф Докле за почесен граѓанин, објави весникот на македонското друштво „Илинден“ од Тирана.
Во образложението за одлуката е истакнат неговиот придонес како достоинствен истражувач на многу архиви за извлекување на историската и националната вистина, со извонреден придонес во развојот на уметноста и културата во целиот округ Кукс.
На свечената церемонија организирана од страна на округот Кукс за доделување на почесната титула присуствуваа блиски роднини, пријатели, почитувачи на делото на Докле.
Назиф Докле роден е на 15 јануари 1945 година во село Борје, во областа на Гора. Тој беше интелектуалец, собирач на фолклорот и уметник со македонско потекло од областа Гора, основач и прв претседател на етно-културното друштво „Гора” во 1991 година.
Завршил ликовна уметност во Тирана, отсек склуптура, потоа завршува Висока педагошка школа во Скадар, специјалност албански јазик и литература. Долги години работел како учител, главен инспектор за образование во округот на Кукс и директор на музејот во Кукс а се занимавал и со сценографија и бил режисер на повеќе документарни филмови. Бил член на друштвото на писатели и уметници на Албанија уште од 1975 година.
Неговата истражувачка активност вклучуваше повеќе материјали од областа на историјата, лингвистиката и етнографијата. Објавил над 35 книги, 130 текстови во весници како и научни и културни списанија во Албанија и други држави. Најпознати негови трудови се речникот „горански-албански” со над 43.000 зборови, „За Гора и Гораните”, „Муке Миле”, „Севни бре ашик, севни бре душо”, „Горански народни песни”, „Богомилизмот и етногенезата на торбешите од Гора во Кукс” и други. Бил автор на повеќе уметнички изложби, како и организатор на повеќе фестивали во Кукс каде е преставен богатиот фолклор на областа на Гора. Човек кој даде многу за неговата област Гора.