Фото: Игор Бансколиев

По 20 години, МПЦ-ОА кооптира владици од редовите на ПОА

Дали 20 години подоцна, обединувањето на МПЦ-ОА и ПОА ќе биде вистински чин на помирување или извесен степен на нетрпеливост ќе тлее е прашањето на кое црковната јавност сѐ уште нема конечен одговор. Укинувањето на ПОА и припојувањето на нивните владици кон МПЦ-ОА беше договор меѓу МПЦ-ОА и Српската православна црква, заедно со одлуката за согласност за автокефалност на МПЦ-ОА, но сѐ уште има многу неодговорени прашања, пред сѐ како овие владици во иднина ќе функционираат во МПЦ-ОА

Од неодамна започна процесот на целосно интегрирање на владиците од поранешната Православна Охридска архиепископија (ПОА) на Јован Вранишковски во редовите на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА). Викендов во Крушево беше интронизиран за нов мирополит крушевско-демирхисарски г. Јован. Следниот викенд, поточно в недела на 17 септември, е закажана интронизацијата на епископот Марко за епископ делчевско-каменички. Останува уште интронизацијата на г. Јоаким, кој треба да биде епископ илинденско-дељадровски, но датумот на неговата интронизација сѐ уште не е потврден. Кога ќе завршат интронизациите, овие владици и официјално ќе бидат управители на новите епархии.

Но дали 20 години подоцна, обединувањето на МПЦ-ОА и ПОА ќе биде вистински чин на помирување или нетрпеливоста ќе продолжи е прашањето на кое црковната јавност сѐ уште нема конечен одговор.

Помирување во вистински христијански и православен дух

Укинувањето на ПОА и припојувањето на нивните владици кон МПЦ-ОА беше договор меѓу МПЦ-ОА и Српската православна црква (СПЦ), заедно со одлуката за согласност за автокефалност на МПЦ-ОА, но сѐ уште има многу неодговорени прашања како овие владици во иднина ќе функционираат во МПЦ-ОА.

Инаку, на интронизацијата на Јован во Крушево имаше голем број верници и таа помина во вистински христијански, православен дух и во најдобар ред.
Во присуство на двајца владици од СПЦ и без присуство на архиепископот г.г. Стефан, во црквата „Свети Никола“ во Крушево, владиката Јован беше устоличен за митрополит крушевско-демирхисарски.

Чинот на интронизација го изврши митрополитот преспанско-пелагониски, г. Петар, од чија епархија беа одвоени Крушево и Демир Хисар во нова митрополија.
Како ќе помине интронизацијата на Марко следниот викенд на 16 и 17 во Делчево останува да се види.

Црковните аналитичари сметаат дека има доста прашања што треба да бидат разјаснети.

МПЦ-ОА ќе го спроведе договореното со СПЦ

Според Бранко Ѓорѓевски, познавач на состојбите во православието, интегрирањето на четворицата доскорешни достоинственици на ПОА, односно, на Српската православна црква, технички нема да биде голем проблем за МПЦ-ОА.

Смета дека нивното поставување во четирите епархии ќе се спроведе и покрај некои одложувања, бидејќи нашата црква не сака да биде обвинета за неспроведување на договореното.
– Но веќе сега може да се препознае тенденцијата во редовите на МПЦ-ОА тие да не добијат некое особено значење, особено влијание во црковните редови. Гледате дека не ги покануваат на богослужбите, дури и кога српскиот патријарх служи во „Свети Јоаким Осоговски“ не се кажува дали тие ќе бидат членови на Синодот и дали ќе имаат право на глас и доделувањето на епархиите е само „привремено“. Видете ја само одлуката на Епархиското собрание на Кумановско-осоговската епархија од април годинава со која е воспоставена нова Дељадровско-илинденска епархија, но таа има „правно својство на привремен карактер и ќе има функција сѐ до престанувањето на функцијата на епископот за кој ќе се основа, а потоа границата на КОЕ ќе се врати во претходната состојба“. Значи, новата епархија е само привремена и прашање е дали таа може правно да функционира како и секоја друга епархија на МПЦ-ОА. Јас мислам дека не може и дека тоа е пораката пратена до четворицата достоинственици дека треба да бидат задоволни со тоа и да не брануваат многу – посочува Ѓорѓевски.

Има ли недоумици по ова прашање во редовите на нашата црква

Сепак, смета и дека оваа недоверба не е резултат само на незаборавањето на нивното своевремено заминување од редовите на МПЦ-ОА во редовите на СПЦ.
– Многу повеќе се работи за тоа што неколкумина достоинственици на МПЦ-ОА што одлучуваат за најважните прашања не сакаат никој да им ја нарушува воспоставената состојба. Односно, не сакаат да дозволат никакви прегласувања на синодски седници и некакви сојузништва. Тоа е и непотребно стравување со оглед на трендот на сѐ поголема блискост на некои клучни владици со достоинствениците на СПЦ, а со тоа и со Руската православна црква. Тој тренд, досегашните владици на ПОА сигурно го поддржуваат и нема да прават проблеми, бидејќи и ним, како и на црковен Белград им одговара сѐ поголемо оддалечување на МПЦ-ОА од Вселенската патријаршија. Во таа цел на српскиот патријарх воопшто не му пречеше што на службата во „Свети Јоаким Осоговски“ нема никој од ПОА. Ова е сериозен процес што треба да нѐ загрижи – објаснува аналитичарот.

Сепак, Ѓорѓевски заклучува и дека интеграцијата на владиците од ПОА воопшто не е проблем, туку дека проблем се недоумиците што сѐ повеќе излегуваат на виделина од нашите црковни редови.


Поглаварите Стефан и Порфириј служеа заедничка литургија во Крива Паланка

Поглаварите на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и на Српската православна црква (СПЦ), Стефан и Порфириј, пред една недела токму во чест на празникот Свети Јоаким Осоговски кај Крива Паланка служеа заедничка литургија.

Со нив сослужуваа и свештеници од Бугарската и од Романската православна црква, за што архиепископот Стефан порача дека ова е пример дека во црквата нема разлика.
– Денешниот собир е пример дека во црквата нема разлика меѓу народите зашто ист е Господ над сите, а покрај нас, домаќините сослужуваа свештеници од три помесни цркви, а голема чест ни е што служуваше неговата светост г.г. Порфириј. Освен архијереите ни сослужува и свештенослужителот од Романската православна црква, а празничната радост ја сподели и г. Јаков, митрополит од сестринската Бугарска црква.

Сите ние возљубени заедно со вас му благодариме на Бога да бидеме Христови по име, мисла и дела, обидувајќи се да растеме во богољубието и човекољубието, редовно учествувајќи во верскиот живот на црквата – рече архиепископот Стефан.