Клучни поенти од последното интервју за нашиот весник
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Дарко Димовски, кој почина по кратко боледување на 45-годишна возраст, остави длабок белег во синдикалното и работничкото движење на Македонија. Колегите, соработниците и работниците ќе го паметат како голем борец за работничките права. Едно од последните интервјуа за медиумите Димовски го даде токму за „Нова Македонија“, по повод 1 Мај, Меѓународниот ден на трудот.
Во знак на сеќавање и почит кон него, самопрегорот и пожртвуваноста со која ги бранеше и се бореше за работничките права ги пренесуваме клучните пораки од тоа интервју за нашиот весник.
На прашањето на „Нова Македонија“ каква е состојбата во однос на работничките права во нашата земја споредено со земјите од регионот и пошироко, Димовски истакна дека веќе неколку години ССМ заедно со другите социјални партнери преговара за донесување нов ЗРО како основен фундаментален закон за работничките права, во кој се настојува да бидат инкорпорирани европските и светските трудови стандарди. Притоа тој тогаш нагласи дека за ССМ како претставници на работниците многу поважен аспект е имплементацијата на законите и регулативата. Честопати во практиката законите се изигруваат, не се применуваат во целост или произволно се толкуваат, што доведува до прекршување на работничките права. Тука е особено значајна улогата на ССМ како заштитник на работничките права пред органите во компаниите и институциите, судовите и другите државни органи.
Во интервјуто, Димовски се осврна и на времетраењето на работната недела, нагласувајќи дека ССМ сериозно се спротивставува на поткопување на принципот за 40-часовна работна недела, за што работниците се избориле во минатиот век. Стремејќи се кон европска интеграција се залагаме да се разгледаат ефектите и бенефициите од намалување на работните часови во неделата. За ставот на ССМ дека не треба да се уредува поголемо работно време од 40-часовна работна недела, ССМ доби поддршка и од Европската и од Светската конфедерација на синдикатите, како и од Светската и Европската синдикална федерација за градежништво и дрвна индустрија, посочи тогаш Димовски.
Во однос на хроничниот проблем со недостиг од работници, кој и денес станува сѐ поактуелен, Димовски предложи дека решението за недостигот од кадри од определени профили приоритетно треба да се бара во потенцијалот на домашните работници. Во рамките на националните стратегии и политики за унапредување на пазарот на трудот е потребно да се креираат сериозни активности и мерки за преквалификација и доквалификација на работниците и нивно приспособување на потребите на пазарот на трудот. За претседателот на ССМ немаше воопшто дилема дека човечкиот потенцијал е најважен ресурс на државата и мора многу поголема грижа да се посвети токму на овој сегмент.
Во интервјуто за „Нова Македонија“, објавено за 1 мај, тој се осврна и на опаѓањето на животниот стандард во Македонија поради растот на цените на храната и енергентите, како и актуелното прашање за висината на минималната плата.
По иницијатива на ССМ, по пат на социјален дијалог беше донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за минимaлна плата. Со измените на законот минималната плата изнесува 18.000 денари, а се менуваат и критериумите за годишно усогласување на минималната плата со 50 отсто од годишниот раст на просечната плата и 50 отсто од растот на трошоците за живот, во согласност со податоците од Државниот завод за статистика, посочи тогаш Димовски.
Неговите заложби нека останат како аманет и водилка за ССМ да продолжи и понатаму и уште поенергично по патот што тој го трасираше, за подобра и посветла иднина на работничката класа во Македонија. А.Д.