Десетте членки на АСЕАН, плус Кина, Јужна Кореја, Нов Зеланд, Австралија и Јапонија, се согласни да биде проширена употреба на јуанот во прекуграничната трговија

Извештајот од сеопфатното истражување на Банката на Кина вели дека повеќе од 90 отсто од анкетираните домашни и странски фирми веруваат дека посилното користење на кинеската валута – јуан, може да доведе до постабилна трговија во Азископацифичкиот Регион. Лу Леи, заменик-директор на државната управа за девизи, исто така вети дека ќе создаде повеќе сценарија за примена за јуанот за време на отворањето на Кина

Банката на Кина неодамна објави извештај, според кој, Кина треба дополнително да ги привлече растечките интереси за користење на јуанот преку регионален трговски договор и офшор-трговски центри, во прилог на напорите на Пекинг да ја зголеми глобалната употреба на валутата на педантно испланиран начин.

Според извештајот на банката за 2022 година, објавен неодамна, членовите на 15-членото Регионално сеопфатно економско партнерство (РЦЕП) сочинуваа 18,9 отсто од дознаките (во јуани) во Кина минатата година, во споредба со 15,9 отсто во 2021 година и само 7,1 отсто во 2020 година,.

Исто така, постои силна намера дополнително да се прошири прекуграничната употреба на јуанот во блокот на 15-членото Регионално сеопфатно економско партнерство, каде што се вклучени 10-те членки на Асоцијацијата на нации од Југоисточна Азија (АСЕАН), плус Кина, Јужна Кореја, Нов Зеланд, Австралија и Јапонија.

Јуанот како нов избор на валута

Повеќе од 90 отсто од домашните и од странските компании што работат во Кина, според податоците на сеопфатното истражување на државната банка, се изјасниле дека „се уверени оти користењето на јуанот за прекугранични плаќања би можело да биде стабилно во Азископацифичкиот Регион“.
– Во 2022 година, Федералните резерви на САД продолжија да ги зголемуваат каматните стапки, ликвидноста на американскиот долар се затегна, а привлечноста на финансирањето на јуани за играчите во странство се зголеми – се вели во извештајот.
– 78,6 отсто од интервјуираните странски индустриски и комерцијални претпријатија рекоа дека кога ликвидноста на меѓународните валути како американскиот долар и еврото е релативно слаба, тие би го избрале јуанот како нов избор на валута за финансирање, а овој сооднос е зголемен за 7,4 процентни поени во споредба со резултатите од истражувањето во 2021 година“.

Истражувањето, спроведено меѓу 30 јануари и 27 февруари, привлече податоци и повратни информации од 3.600 домашни и странски индустриски и комерцијални претпријатија, како и од 82 странски финансиски институции. Беа користени и податоци од глобалниот систем за финансиски пораки Свифт.

Речиси 80 отсто, исто така, рекоа дека јуанот ќе ужива меѓународен статус што нема да биде послаб од британската фунта и јапонскиот јен за 10 години, иако бројката од 79,8 отсто беше малку пониска од 81 отсто во 2021 година и 80,2 отсто во 2020 година.

Кои осум нации повеќе го користат кинескиот јуан и како ќе влијае тоа на американскиот долар?

Потврдувајќи го растот на тргувањето со јуани во Русија минатата година, Банката на Кина виде потенцијал во тргувањето со јуани и во Африка, нагласувајќи дека кинеските финансиски институции во Замбија, Јужна Африка, Ангора, Џибути и во Маврициус можат да размислат за понуда на услуги за депозит, заеми и дознаки во јуани.

Меѓу офшор-центрите за јуани во Источна Азија, ненаплатените депозити во јуани во Јужна Кореја се намалија за 4,8 отсто во 2022 година на 1,78 милијарда американски долари од пред една година, соопшти Банката на Кина.
Сепак, имаше зголемување од 14,4 отсто на вкупниот износ на дознаки и плаќања деноминирани во јуани во Јужна Кореја во споредба со 2021 година, се додава во извештајот.

Кина сѐ уште се однесува претпазливо кога станува збор за дополнително зголемување на глобалната употреба на јуанот, кој допрва треба да биде целосно конвертибилен.

Втората по големина економија во светот и извозна моќност продолжува да држи строга контрола врз прекуграничните текови на фондовите и управува со девизниот курс на јуанот.

Повеќе сценарија во насока на зајакнување на кинескиот јуан

Лу Леи, заменик-директорот на државната управа за девизи, излезе во јавноста со ветување дека ќе создаде повеќе сценарија за апликација (за јуанот), за време на отворањето на земјата и, исто така, вети дека ќе изнајде начини од поширок интерес, да ја зајакне употребата на јуанот во регионалните сојузи.
Тој рече дека стабилноста на кинеската економија и претпазливоста на нејзината монетарна политика се важни фундаментални фактори што ја поттикнуваат „уредната“ интернационализација на јуанот.
– По премисата за ефикасно спречување и контролирање на ризиците треба да продолжиме да го подобруваме нивото на олеснување за странските инвеститори да инвестираат на домашниот финансиски пазар, да ги израмниме каналите за тргување со јуани и да ја зголемиме подготвеноста на странските субјекти да го задржат јуанот – потврди Лу Леи за јавноста и медиумите.