Чувството на судир со пожарот е „Или ти или јас“. Фантазијата станува дрска и подла, тоа е твоја реалност која прави да веруваш дека си семоќен. Мораш да преживееш, совладувајки sвер. И тоа го правиш за да заштитиш друг. Двете во едно се доволни за да се наречеш херој, вели Михаил
Јас сум Огноборец, тоа е твојата супермоќ, е она што си го помислува пожарникарот Михаил Караколев при секое соочување со огнот.
Караколев работи во Скопската противпожарна бригада и секојдневно се соочува со ситуации од кои застанува здивот и се смрзнува крвта.
Извлекување на повредени при сообраќајни незгоди, извлекување на давеници, заглавени лица во лифт, пожари на отворено, во подрумски простории, урбани објекти и куќи…
Искусниот командир е тој што знае да препознае каде ти е местото – ние сме тим, ние сме семејство
– При сообраќајна незгода сите ситуации се прилично трауматични, дури и оние со среќен крај. Треба голем труд, вештина и соработка помеѓу останатите служби во заштита на граѓаните. Ќе бидам искрен и ќе речам дека соло-настап при гаснење на пожар во подрумска просторија, ми беше еден од потешките настани. Се разбира, сѐ заврши успешно. Понекогаш има настани при кои мора да се поделите со тимот, поради карактеристиките на самиот пожар и зафатеноста на објектот. Некој мора да евакуира потенцијални жртви, некој мора да му стави крај на огнот. Maлку е бизарно да се рече, ама ја имав „честа“ да бидам дел од гаснењето на скопската пошта во центарот на градот. Toa беше борба со активен вулкан и змаеви наоколу. Вистинска школа за соочување со вистинската страна на твојата струка. Момент „да се биде или не“. Преживувачкиот инстинкт и твоите вештини го бараат патот. Мора да си колегијален, да те има каде што треба… Дали поставуваш линија за гаснење, дали си втор или прв зад млазницата, дали менуваш боци за апаратите за дишење… Искусниот командир е тој што знае да препознае каде ти е местото. Ние сме тим, ние сме семејство. Мора да си „дишеме во врат“, мора на својот колега да си му брат – раскажува за своето искуство пожарникарот Михаил.
Денот на еден скопски пожарникар започнува во темносина боја. Тоа со боите на неговата урбана униформа, онаа која ја носат преку целата дванаесетчасовна смена. Работната смена им почнува во 7 наутро, а завршува во 19 часот.
Скопската бригада има четири чети, кои се во непрекината служба на градот цели 24 часа.
Еден работи за тројца: Капата доле за сите македонски пожарникари
– Во седум часот наутро секој пожарникар е должен да застане во строј со своите колеги пред претпоставениот. Командирот на смена, или неговиот заменик, ги чита дневните задачи и ги распоредува тимовите при своите специјализирани возила. Секое возило има своја намена и опрема за справување со одреден тип на интервенција. Скопските пожарникари се малку на број, со тоа се принудени да имаат познавање и надвор од својата задача, со што би можеле да надоместат и да реагираат при секаков тип пожар, спасување или асистенција на останатите служби. Што би рекол јас, еден колега работи за тројца. Секоја чест и беретка доле за сите македонски пожарникари. Си ги знаеме условите… По читањето и задолжувањето на опрема и возила тимовите ја тестираат опремата, се проверуваат функциите на возилото, и пред сѐ и најбитно е секогаш да има вода – низ смеа раскажува Михаил.
Своевремено постоеле и часови по физичко воспитување и фитнес, кои денес, за жал, ги нема. Бригадата има своја кула и конструкција, која е наменски направена за одржување на вежби. Граѓаните ја препознаваат по муралот „Хероите на градот“, исцртан долж сите шест спрата. За Михаил качувањето и спуштањето по зградата предизвикува вистински адреналин.
Секој од нас има своја внатрешна молитва и желба за интервенции без жртва
– Нашата работа е тимска, ние поголемиот дел од својот живот го минуваме на работа, работните задачи се наша реалност и мора да си спремен да бидеш нечија поддршка или резервна рака. Веруваш во тоа дека ќе сте доволни за да се справите со сите интервенции што ги носи денот. Секој од нас има своја внатрешна молитва и желба за интервенции без жртва. Секоја наредна смена да е ново и дополнително искуство. Се справуваш со опасни ситуации. Мораш… Ти си го избрал ова – вели тој.
Според него потребни се нови школувани кадри, затоа што оние од кои може најмногу да се научи веќе ќе заминат во пензија. За шумските пожари, пак, за да се гаснат поефикасно, вели дека исто така се потребни кадри и отворање на доброволни друштва под раководство на општините.
Ќе се вратиш дома, ќе им мирисаш на чад, ама па ќе имаат кого да мирисаат
– Чувството на судир со пожарот е „Или ти или јас“. Фантазијата станува дрска и подла, тоа е твоја реалност која прави да веруваш дека си семоќен. Мораш да преживееш, совладувајќи sвер. И тоа го правиш за да заштитиш друг. Двете во едно се доволни за да се наречеш херој. Знаеш со сигурност дека си направил хуман акт, а телото ти кажува дека можеш ти и повеќе…Нема поубаво чувство! Секој заштитен објект покрај првично зафатениот објект е подвиг! Секоја евакуација и транспорт на цивили во задишен простор е херојство. Среќен си и кога си ги заштитил материјалните добра на граѓаните. Голем си и кога ќе пресечеш шумски пожар. Ќе се вратиш дома, ќе им мирисаш на чад, ама па ќе имаат кого да мирисаат – зборува за своето искуство Михаил.
Не е мал бројот на пожарникари што го загубиле својот живот во обид да спасат нечиј друг.
Стресот не треба да се носи дома, но…
Караколев вели дека во нивната устанува недостасува медицинско лице, психолог или психијатар, кој би им помагал на пожарникарите со трауми.
– Стресот не треба да се носи дома! Мора да почнеме да се грижиме за психичкото здравје кај вработените. Носат многу товар при срце и ум, иако на терен се челични – вели тој.
Многу од пожарникарите се соочиле и со физички повреди.
– Нема пожарникар што не бил дел од поголема или помала повреда. Најтешки се тие што се трајни. Така можеше да заврши и мојата кариера. Имам тројна повреда на кичмен столб, дискус хернија и оштетен нерв. Веќе неколку години сум официјално единствениот пожарникар со автоимуна болест – целијакија. Борбата е уште поголема. Не може да се потврди дали е последица на искуствата со пожари и истекување на хемикалии, контакт или надишувања, стрес или инфекција. Но, секако, тоа ми се случи за време на мојата најголема експанзија и спремност во пожарникарството. Стравот за себе и крајот на кариерата може буквално да срушат човек. Испаднав победник, добив и разбирање од претпоставените. Некои колеги не ја разбираат мојата мака, но не ги обвинувам. Таа тематика е сѐ ште табу и во круговите на медицинскиот свет во државата – вели Михаил.
И покрај тоа што се своевидни суперхерои, пожарникарите секојдневно стравуваат за својот живот.
– Најголемиот страв на пожарникарот не е предизвикот или тешката интервенција… Тој е супермен на своето поле, тој е херој пред лицето на народот. Најголемиот страв е дека тоа утро, пред да заминеш на работа, семејството си го гледаш за последен пат. Реалноста е таа, често во светот пожарникари го губат својот живот, не поради незнаењето, туку поради пожртвуваноста од која има излез само за цивилите. Беретка доле за сите паднати соборци – вели пожарникарот.
На овие огноборци човек може да им симне само капа.