Европската Унија, како моќен сојуз на 27 држави кон кој цели и Македонија, изминативе години покажа серија слабости, меѓусебна некоординираност и несолидарност во однос на најкрупните прашања и предизвици. ЕУ немаше здружен и енергичен противодговор на корона-кризата, нема одговор и стратегија како да се бори против економската и енергетската криза, длабоко е поделена во однос на војната во Украина, а сега нема стратегија ни како да се справи со пожарите и топлотниот бран, кои веќе однесоа илјадници животи во земјите од ЕУ. Дали ЕУ се претвори во сојуз на бирократизирани и неспособни губитници? Во вакви околности се наметнува и дилемата треба ли Македонија и понатаму да прави отстапки на штета на своите национални интереси и идентитетски прашања за да им угоди на барањата на некои членки на ЕУ или, можеби, попрво Унијата треба да го смени својот однос и да ги исправи своите пропусти во низа и во однос на Македонија

ПРОПУСТИ ВО НИЗА НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА КАКО ПОУКА И ЗА МАКЕДОНИЈА

Европската Унија ги покажува својата слабост и нефункционалност и во справувањето со природните непогоди, како што се сегашните тропски горештини во јули. Црниот биланс од топлотниот бран во некои членки на Унијата, како Шпанија и Португалија, е повеќе од две илјади изгубени животи. Но бројот на жртвите од високите температури, кои на одредени места надминуваат и над 40 степени Целзиусови, е сигурно повисок, ако се додадат и податоците за Франција, Велика Британија, Белгија и за Холандија. Неподготвеноста на ЕУ за кризен менаџмент се одрази и на несоодветната реакција во справувањето со големите пожари, кои минатата недела се проширија во Франција, Шпанија, Грција и во Португалија. На виделина излегоа слабостите на т.н. заеднички систем на превенција, кој во сегашни услови функционира во рамките на националните системи за спречување од елементарни непогоди, што првенствено се должи и на недоволниот број противпожарни авиони. Топлотниот удар влијаеше и на националните економии, кои се покажаа „кревки“ во време кога температурата на воздухот ги надминуваше сите рекорди за овој период од годината.
– На некој начин, тие стотици животи изгубени за време на топлотните бранови се залудно потрошени животи – изјави Мартен ван Алст, директор на климатскиот центар на Црвениот крст и член на научниот советодавен одбор на ЕУ за климатски промени.
На највисоко ниво, европските влади едноставно не успеваат да одговорат адекватно на предизвикот од глобалното затоплување. Сите земји на ЕУ имаат развиено национални планови за тоа како ќе се справат со климатските промени. Но тие често се слабо дефинирани и недоволно поткрепени со финансиски средства.
Според Светската здравствена организација, помалку од половина од 27-те земји на ЕУ имаат акциски планови за управување со здравствените влијанија од екстремните горештини – а од оние што имаат, повеќе од половина се недоволно финансирани. Се покажа дека Германија е „најранлива“ во справување со шумските пожари со брзината и обемот со кој тие сега зафаќаат огромни површини. Само во покраината Северна Рајна Вестфалија за четири дена избувнаа 11 пожари.

Дури и додека се тркаат со огнените јазици на запалените полиња и шуми, пожарникарите се борат и со заплеткана бирократска мрежа, рече Улрих Чимолино од Здружението на германската противпожарна бригада.
Водачите на бригадата треба да побараат противпожарни хеликоптери од локалниот команден центар, кој треба да побара од регионалната влада, која треба да побара од федералното министерство за внатрешни работи, кое потоа проверува дали регионалните или сојузните полициски или армиски пилоти се достапни за летање. Поради ризик од пожарите, привремено беше затворен аеродромот „Елутон“ во Велика Британија, а голем дел од железничкиот систем во Велика Британија беше исклучен. Во Холандија, Амстердам прибегна кон прскање со вода на своите мостови за да ги одржи функционални, додека во Италија, автопатот и железничките линии што го поврзуваат Трст со остатокот од земјата мораа да бидат затворени бидејќи шумските пожари ја зафатија областа.
Во Франција и во Белгија, нуклеарните централи ги прекинаа или ќе ги прекинат операциите бидејќи водата за ладење стана премногу топла.
На слабостите на европскиот систем на рано предупредување и реагирање на опасности посочува и Оливер Андонов, професор за безбедносна политика, кој вели дека целата стратегија на ЕУ, која се базира на следење на 120 извори на загрозување, е сведена само на „систем на хартија“.

– Дејствувањето во случај на елементарни непогоди е сведено на ад хок решенија на националните системи на заштита на граѓаните. Затоа, сега имаме случаи кога, на пример, Франција, која поседува огромна територија не може да се надева на „европската“ солидарност од другите соседни земји, затоа што и Италија, Шпанија и Португалија се соочуваат со истите предизвици. Ова значи дека не постои заедничка и координирана политика на ниво на ЕУ. Генерално гледано, ниедна поединечна земја од Унијата не поседува доволни капацитети за самата да се соочи со стихиите како што се пожарите на поголеми површини. Во подобра позиција се помалите држави, како на пример Унгарија и Словенија, кои успеаја да извлечат доволно финансиски средства од европските буџети за да ги опремат своите единици за дејствување во услови на елементарни непогоди. Словенија, која е членка на ЕУ, успеа да ги преземе позитивните работи од т.н. цивилна заштита што функционираше во поранешна Југославија, а на сличен начин функционираат и екипите за интервенирање во скандинавските земји – вели Андонов.
Земјите од Европската Унија се покажаа и недоволно „отпорни“ на предизвиците што произлегуваат од нарушување на безбедноста на Стариот Континент, гледано низ украинската криза. Тоа беше повод и шефовите на држави или влади на ЕУ на самит на почетокот од годината да разговараат за градење на нова и „поавтономна одбранбена стратегија“. Досега, ривалството меѓу членките често ги кочеше плановите за заедничкото вооружување во ЕУ. Повеќе се гледаше на тоа кој ќе ја има контролата над проектите и економските предности за сопствените компании отколку на заедничката придобивка. И иако повеќето членки на ЕУ се и членки на НАТО, и таму има конкурентски односи и изразени слабости. Силното влијание на САД врз одлуки за набавка на одбранбени системи и определување стратегиски приоритети мора да биде подобро усогласено со желбите на самите Европејци, се наведува во анализите објавени во некои од западните медиуми.
Со тоа практично се демаскира наводното единство, како и функционирањето и дејствувањето на целиот сојуз. Или со други зборови, чадорот на ЕУ прокиснува од сите страни и тоа е видливо од секој аспект. Унијата воопшто не е компактна ниту усогласена по ниту едно стратегиско прашање и многу често дејствува како раштиман оркестар, без диригент и без концепт во кој секој си тера по свое. Токму ваквата разединетост многу често ѝ се удира како бумеранг по главата токму на самата Европска Унија и тоа се покажа и докажа во повеќе наврати досега, согласни се аналитичарите.

– Поделеноста од ЕУ се виде и во случајот со пандемијата на коронавирусот кога секоја од земјите спроведуваше и сопствени национални политики. Ова дојде и до израз со украинската криза, кога тие не ја предвидоа нивната најголема закана и не направија и соодветни процени и мерки за заштита од енергетската криза. Врз основа на тие предвидувања се прават и соодветни планови за дејствување во случај на нарушувања, како во случајот на пазарот на енергенти. Најмалку што можеа да направат е да обезбедат доволни резерви на енергентите за најмалку една година. Затоа и пораката за Македонија е да се потпре повеќе на сопствените стратегии и планови за справување со најразлични видови опасности и ризици. Конкретно за справувањето со пожарите поради климатски нарушувања, потребно е да се подготви целосен систем на заштита на целата територија, со градење резервоари со вода на критични места, или со пресекување одбранбени ровови заради спречување на ширењето на пожарите, набавка на современа противпожарна опрема… За спречување на енергетската криза во наредниот период, Владата на Македонија мора да обезбеди поголеми извори за субвенционирање на поставувањето сончеви колектори на индивидуалните домови за живеење, кои се и најголеми потрошувачи на електрична енергија во зимските периоди – вели професорот Оливер Андонов.
Оттаму се наметнува и дилемата треба ли Македонија и понатаму да прави отстапки на штета на своите национални интереси и идентитетски прашања за да им угоди на барањата на некои земји-членки на ЕУ, кога самата Унија не знае што со себе ниту има стратегија за кое било покрупно прашање. Или можеби попрво Унијата треба да го смени својот однос и да ги исправи своите пропусти во низа и во однос на Македонија. М.Ј.