Министерот за образование и наука Јетон Шаќири во обраќање на Универзитетот во Тетово ја нагласи важноста на дигитализацијата во образованието и истакна дека најдобра опција за настава е со физичко присуство на учениците во училиштата.
Како што информира Министерството за образование и наука, Шаќири рече дека дигитализацијата на образовниот систем е високо на агендата на МОН.
-Покрај онлајн-наставата, што ја практикувавме за време на пандемијата, ќе ги посочам и процесите на опремување на училиштата со современа ИТ-технологија, дигитализацијата на учебниците, дигитализирањето на услугите што ги нуди министерството, како на пример доделувањето стипендии или аплицирањето за сместување во студентски и ученички домови кое се спроведува електронски, аплицирањето за остварување права во областа на науката, а листата на е-услуги постојано се проширува – рече Шаќири.
Непосредната комуникација наставник – ученик, посочи Шаќири, овозможува подобро совладување на наставната материја, поголема контрола врз самите ученици од страна на наставниците и подобро следење на нивната посветеност, полесно детектирање на оние ученици кои во одреден момент имаат потреба од поголема поддршка за дел од материјата и воопшто поквалитетен воспитно-образовен процес.
– Пандемијата делуваше како поттикнувач на дигитализацијата на образованието, и добро е што од тој аспект го унапредивме нашиот образовен систем – оцени министерот Шаќири, додавајќи дека сега, доколку треба, лесно може да преминеме на следење на наставата онлајн.
Во денешниот свет полн со предизвици, нагласи Шаќири, никогаш не можеме да знаеме кога повторно, не по наша волја, би можело да се случи затворање на училиштата, а воспитно -образовен процес мора да продолжи.
-Ние сме веќе сигурни дека тоа можеме да го овозможиме, токму поради тоа што во изминатиот период се посветивме на дигитализирањето на сферата на образованието – заклучи министерот.