Со повик преку социјалните мрежи за утре се најавува протест во врска со случајот со Клиниката за онкологија за која Министерството за внатрешни работи и обвинителството отворија предистрага. Почетокот на протестот е превиден во 18 часот, со што се предвидува да почне пред Владата, а учесниците потоа да се упатат кон Министерството за здравство.
Како организатор на утрешниот настан се наведува фејсбук-страница насловена „Протест против убиството на онкологија“.
Организаторите на протестот бараат и одговорност од министрите Венко Филипче, Беким Сали и Фатмир Меџити, замениците-министри за здравство Илир Хасани и Маја Манолева, поранешната директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Ирина Сотирова Бухова и актуелната директорка Рената Младеновска, како и од поранешниот организациски директор на Клиниката Нехат Нухи.
Завчера, врз основа на судска наредба, по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, припадници на МВР извршија претреси на Клиниката за онкологија, како и на уште две локации во приватни станови во Скопје. Како што денеска информираат од Јавното обвинителство, акцијата е спроведена врз основа на наводи во новинарски текстови поврзани со работата на Клиниката.