На Германските гробишта во Прилеп денеска со полагање цвеќиња, амбасадорката
на Германија Петра Дрекслер, амбасадорот на Франција Ле Риголер, градоначалникот на Прилеп Дејан Проданоски, и воени аташеа, беше оддадена почит на жртвите од Првата светска војна, со што се одбележа Денот на примирјето.
– Овој ден претставува потсетник на трагичните последици од војната, но и на
важноста на мирот, солидарноста и европските вредности. Примирјето од 1918 година
означи крај на еден од најразорните конфликти во историјата и постави темели за
иднината која денес се гради преку соработка и разбирање меѓу народите – посочија
двајцата амбасадори.
Претходно, градоначалникот Дејан Проданоски остварил протоколарна средба со
амбасадорката на Сојузна Република Германија во Македонија Петра Дрекслер, и
амбасадорот на Франција Кристоф Ле Риголер, при што е разговарано за унапредување на билатералната соработка, отворање нови можности за економски развој, поддршка на локални проекти и зајакнување на културните и образовните врски со двете земји.
Според градоначалникот Проданоски, Прилеп има што да понуди како економски центар, но и како град со значаен туристички и културен потенцијал. Ка.М.
































