ПРОИЗВОДСТВЕНИТЕ КОМПАНИИ НА БИЗНИС-ГИЛОТИНА ПОРАДИ ЕНЕРГЕТСКАТА КРИЗА
Енергетската несигурност и нередот на пазарот за снабдување со електрична енергија во пакет со галопирачките цени, освен што веќе ги погодуваат домаќинствата и сите правни лица со ненајавените и необјавени редукции, пред сѐ и над сѐ, имаат огромен негативен ефект и врз работењето на големите компании, односно производствените, во реалната економија. Планирањето, набавките, приемот и складиштењето на репроматеријалите, вкупниот производствен процес, а потоа и дистрибуцијата зависат, пред сѐ, од стабилно и континуирано располагање со евтини, пред сѐ домашни енергенти. А засега го немаме тоа… А ако општествено-економската верига се скине токму кај производствената алка од низата (индустријата), тоа ќе значи страшен домино-ефект во сите општествени сфери: социјалата, здравството, образованието, безбедноста…
Во услови кога сметките за потрошена електрична енергија на фирмите се зголемени од четири до шест пати, како што неодамна изјави претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, привременото, но и трајното затворање на дел од компаниите, според упатените, станува сѐ поизвесна опција! За потсетување, ако се знае дека индустриското производство во Македонија едвај се консолидира по мегаколосалниот удар на проблематичната приватизација на најголемите производствени капацитети во деведесеттите години од минатиот век и до ден-денешен индустриското производство не закрепна во целост и сѐ уште е фрагилно, овие најави, со сите нивни можни мултиимпакти врз економијата, социјалата и врз општиот амбиент во државата, како да не допираат до надлежните и сѐ уште како да остануваат во доменот на дневнополитичките случувања, со третман на многу пониско ниво од заслуженото.
Имено, енергетската несигурност и хаосот на пазарот за снабдување со електрична енергија, освен што веќе ги погодуваат домаќинствата и сите правни лица со ненајавените и необјавени редукции, имаат огромен ефект врз работењето на големите компании, пред сѐ производствените. Планирањето, набавките, приемот и складиштењето на репроматеријалите, вкупниот производствен процес, а потоа и дистрибуцијата зависат, пред сѐ, од стабилно и континуирано располагање со енергентите. А во услови кога дури и училиштата, кои во принцип не би требало да бидат големи потрошувачи на струја, освен ако не им ги издаваат своите простории на трети лица за воннаставни активности, стравуваат од намирувањето сметки, тогаш навистина има простор за загриженост за тоа како ќе се одрази кризата врз најголемите потрошувачи, производители.
Независно дали се со доминантно домашен или странски капитал, десетте најголеми потрошувачи на енергија во земјава, но наедно и едни од најголемите произведувачи и извозници: „Еуроникел“, „Макстил“, „Бучим“, „Титан“, „Сол“, „Булмак“, „Таб Мак“, „Либерти“, „Технички гасови“ и „Дојран стил“, веќе им ја образложија својата состојба на надлежните.
– Состанокот беше искористен за квалитетна размена на мислења и на информации и на тој начин се направија подготовки за конципирање на пакетот мерки за поддршка на бизнисот, на кој, како Стопанска комора, работиме повеќе месеци, со цел одржување на конкурентноста на домашната економија и на работните места во компаниите, во услови кога во регионот цените на струјата се многу пониски и гарантирани – објасни Азески по неодамнешниот состанок со министерот за економија Крешник Бектеши, на кој присуствуваа и десетте компании што остваруваат 20 отсто учество во вкупната потрошувачка на електрична енергија.
А низ регионот и низ Европа, во меѓувреме, токму поради скапите енергенти сѐ погласно се зборува за нов бран на деиндустријализација.
– Очекувавме дека привременото затворање на компаниите во текот на пандемијата е минлива појава, која нема толку лесно да се повтори. Но на Европа ѝ се заканува нов бран на затворање на компаниите, кој може да има долгорочни последици врз стопанството, работните места и на вкупната егзистенција на населението. Тоа може да се случи веќе во текот на оваа зима, поради недостиг од енергенти – предупреди хрватскиот аналитичар Бранко Подгорник.
А ако општествено-економската верига се скине кај производната алка (индустријата), тоа ќе значи домино-ефект во сите општествени сфери.
Според него, очигледно е дека Европа ќе се соочи со нова економска криза. Светската банка пред извесно време веќе најави можност за избивање рецесија во текот на наредната година, која започнува за нешто повеќе од три месеци. Проблемот, според предупредувањата, е во тоа што кризата во Европа ќе биде подлабока и подолготрајна отколку во другите делови од светот, и тоа поради цените на енергентите.
Иако Европската комисија и некои национални економии забрзано работат на подготвувањето мерки за ублажување на кризата, упатените потенцираат оти тие нема да ја спречат, туку само ќе ја ублажат.
– Прашање на време е колку претпријатија ќе проценат дека производството не им се исплати и дека ќе мора да ги затворат своите погони – предупредуваат тие, прогнозирајќи дека производството потоа ќе се сели во оние делови од светот каде што енергентите ќе бидат поевтини.
Инаку, индексот на индустриското производство во Македонија, според податоците на Државниот завод за статистика, во јули 2022 година, изнесувал 95,0 во однос на јули 2021 година.
Иако, гледано по сектори, индустриското производство во секторот рударство и вадење камен во јули 2022 година, во однос на истиот период лани, бележи пораст од 7,3 отсто, во секторот преработувачка индустрија има опаѓање од 5,6 проценти, а во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од дури 12,2 проценти.
– Намалувањето во секторот преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во производство на прехранбени и тутунски производи, облека, хемикалии и хемиски производи, производи од гума и од пластични маси… – се објаснува во извештајот на Заводот за статистика.
Иако, според истиот извор, индексот на прометот во индустријата во јули 2022 година, во однос на јули 2021 година, изнесува 110,0, што се објаснува како генерален пораст, треба да се потсети на константното опаѓање на бројот на работниците во индустријата.
– Индексот на бројот на работниците во индустријата во јули 2022 година, во однос на јули 2021 година, изнесува 99,4. Бројот на работниците во секторот рударство и вадење камен во јули 2022 година, во однос на јули 2021 година, бележи опаѓање од 2,5 проценти, во секторот преработувачка индустрија опаѓање од 0,4 проценти, а во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 1,4 процент. Според главните индустриски групи, бројот на работниците во индустријата во јули 2022 година, во однос на јули 2021 година, бележи опаѓање кај енергија за 5,5 отсто и нетрајни производи за широка потрошувачка за 3,5 отсто… – информираа статистичарите, констатирајќи дека индексот на бројот на работниците во индустријата во периодот јануари – јули 2022 година, во однос на периодот јануари – јули 2021 година, изнесува 98,3. Д.М.М.