Фото: Тимчо Муцунски/Фејсбук

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски вели дека со Европската унија активно се комуницира за решение за мерките што се најавени за нашите превозници како и за тарифите за извоз за челичната индустрија. Притоа, како што вели, се укажува,  дека во случај на нивна примена ќе платиме цена која ќе биде четири до шест пати повисока од средствата што би ги добиле од Планот за раст.

Муцунски во гостување на ТВ Сител вечерва рече дека се надева на некаков исход бидејќи од ЕУ било укажано дека се свесна оти има проблем и дека се работи на изнаоѓање решение.

Според Муцунски, ако се искрени  намерите за интеграција на регионот ЕУ нема да дозволи  да се применат мерки кои толку негативно ќе влијаат економски.

– Не е само проблемот со превозниците, имаме уште еден предизвик – потенцијалната примена на тарифи од ЕУ кон земјите од регионот за извоз на челик. Ова не се применува само кон нас туку кон сите земји кандидати и земји од регионот на Западен Балкан. Од септември активно комуницираме и по однос на овие две клучни прашања со Европската унија. Меѓу другото и кажуваме на ЕУ,  дека, со максимална почит кон Планот за раст, што го сметам за многу позитивен и многу значаен, доколку се примени оваа мерка кон нашите превозниици и доколку се примени мерката за тарифите врз челичната индустрија ние ќе платиме цена која ќе биде четири до шест пати повисока од средствата што би ги добиле  од Планот за раст. Истатата ЕУ којашто се жали на непринципиелни тарифи, одлучи да не стави не само нас туку цел регион, Србија, Црна Гора, Албанија, БиХ и Косово  во група на тарифи со Русија, Белорусија, Северна Кореја, Кипар,  и ние со месеци кажуваме на високите претставници дека мора да се најде решение – рече Муцунски.

Тој вели дека тоа прашање е отворано неколку пати на највисоко ниво, како што било случај уште при посетата на претседтелката на ЕК Урсула фон дер Лајен од страна на премиерот Христијан Мицкоски.

– Како земји сме информирани дека ЕУ е свесна дека има проблем и оти работи на изнаоѓање решение.  Тоа што не сме задоволни е брзината со која се работи за изнаоѓање на тоа решение но наше е да дискутираме, да апелираме и да нудиме конкретни решенија и по однос на двете прашања и да бидеме унифицирани во ставот како регион. Се надеваме на некој осход.  Доколку Европската унија е искрена во намерите за интеграција на регионот секако на краток, среден и долг рок нема да дозволи да примени мерки кои толку негативно ќе влијаат економски врз целиот регион – рече Муцунски.