Претседателката Гордана Силјановска-Давкова упати честитка по повод 11 Октомври во која повикува на обединетост и слотеност.
– Живееме во тегобно време на војни и воени закани, срамни за 21 век. Битисуваме оптоварени со суштински проблеми во остварувањето на правото, правдата, хуманоста и солидарноста. Исправени сме пред нови предизвици, несвојствени за демократијата. Од нас се бараат илинденска и партизанска зрелост, мудрост и храброст во донесувањето клучни одлуки. Повторно мора да бидеме обединети и сплотени, ако сакаме да го сочуваме она што го наследивме од оние кои тргнаа во востанички марш, водени од јасна визија, спремни за жртвување во ослободителната мисија! – порачува Силјановска-Давкова.
Во честитката, претседателката се навраќа на 11 октомври 1941 година посочувајќи дека тогаш отпорот и антифашистичката борба на македонскиот народ, во време кога многу поголеми и посилни народи се придружиле кон оската на злото, или се дистанцирале од војната, се доказ дека слободата, правдата и еднаквоста се вткаени во нашата слободарска и револуционерна традиција како неразделен елемент на македонската ДНК.
– Во драматичните денови на Втората светска војна, покажавме дека обединети и сплотени, без оглед на социјалната, етничката, верската, идеолошката или друга припадност, можеме да ги победиме силата и неправдата. Затоа, прославата на 11 Октомври, не е само потсетување на една славна епопеја, туку повик за нејзино продолжување со дијалог во мир – вели Силјановска-Давкова во честитката.