Успехот е негов, на неговите ментори, но и на државата. А државата не исполнила ништо од ветеното за развој на Македон, реагира неговиот татко Владимир Димитровски
Министерството за образование и наука (МОН) не одговара на реакцијата на Владимир Димитриовски, таткото на талентираниот и надарен третоодделенец Македон, дека не е исполнето ништо од ветеното за развој на неговиот син. Во одговорот на прашањата што ги упативме, МОН ги објаснува политиките на оваа институција за талентираните и надарените деца.
Генијалноста на Македон ги остава без зборови и неговите наставници, но и родителите, кои се трудат да му овозможат соодветно идно образование наменето токму за талентирани деца. Иницијативи, како што вели таткото, за негова дополнителна едукација пристигале од секаде, интерес покажало и МОН, но после неколку месеци од ветувањата, конкретна помош и реализација на ветеното нема.
Генијалецот Македон добил трет медал на светски натпревар и куп разочарувања од МОН
„Нова Македонија“ од МОН побара одговор за нереализираните ветувања за кои реагира Димитровски. Прашавме и дали постои начин МОН како главна образовна институција во државата да помогне во понатамошна едукација на овие талентирани и надарени деца?
Одговорот го објавуваме во целост:
„Во насока на поддршка на талентираните ученици во Република Северна Македонија, Министерството за образование и наука реализира повеќе активности со кои се вреднува и стимулира нивниот труд и постигнати резултати.
Па така, освен што талентираните ученици на предлог на одделенски наставник односно одделенски раководител, а со одлука на Наставнички совет можат да напредуваат и забрзано, но најмногу до два пати за време на школувањето да преминат во наредно одделение, за учениците со натпросечна интелигенција се организираат и додатни активности, односно следуваат дополнителни бенефиции.
На пример, се организира дополнителна групна или индивидуална настава за надарени и талентирани ученици, а законите предвидуваат советот на наставници да изготвува посебна програма за работа со талентирани ученици. Учениците се подготвуваат за учество на натпревари од страна наставници ментори.
Од учебната 2020/2021 година отворена е Математичко – информатичка гимназија во Скопје како специјализирано училиште каде по посебни програми се образуваат талентирани ученици од областа на математиката, физиката и информатиката.
Министерството за образование и наука секоја година доделува стипендии за талентирани ученици од средните училишта и тоа одделно по 100 стипендии за талентирани ученици спортисти и 100 стипендии за талентирани ученици во други области. Месечниот износ е зголемен од учебната 2021-2022 годна од 2.970 денари на 3.500 денари и се исплаќа за девет месеци во годината.
Дополнително, МОН доделува и еднократен паричен надомест за ученици кои ќе освојат прво место на државен натпревар по било кој предмет организиран од акредитирано здружение на наставници (износот е 50% од просечната нето плата во земјата), како и еднократни парични надоместоци за освоено прво, второ или трето место на меѓународен натпревар по математика, информатика и природни науки (100%, 80% односно 60% од просечната нето плата во земјата, зависно од освоеното место). Исто така, се доделува и месечен паричен надомест за освоен медал на меѓународна научна олимпијада (12 месеци во годината по 12.000 денари за освоен златен медал, 10.000 за сребрен и 8.000 денари за бронзен медал). За учебната 2020/2021 година се доделија парични награди на 16 ученици (во прилог листа со податоци за учениците) кои учествуваа на меѓународни натпревари/олимпијади, додека за учебната 2021-2022, јавните повици се во тек.
Учениците кои ќе го освојат првото место во рамки на државниот натпревар – Лидер на струка (натпревар помеѓу ученици од средни стручни училишта), исто така добиваат еднократен паричен надоместок во висина од 50% од просечната плата.
Во последниот период, учениците почесто се вклучуваат и во програмите на Фондот за иновации, како и програми креирани во соработка со меѓународни партнери и организации како што е UPSHIFT-програмата создадена во соработка со УНИЦЕФ, каде се поддржува нивната креативност и се стимулира заложбата за напредок, преку понуда на некое решение на секојдневен предизвик од кој е засегнато општеството во областа на екологијата, енергетиката и слично.
Во рамки на темелната реформа на основното образование, со нови наставни програми, нови учебници и целосно нов пристап на наставниците во наставата, исто такаго поттикнуваме креативниот потенцијал на учениците. Дополнително, со воведувањето на повеќе изборни предмети во основните училишта се дава шанса секој ученик да го одбере тоа што му е најинтересно и кадешто постигнува најдобри резултати. Така се овозможува рана идентификација на афинитети, предиспозиции и талент за одредена работа или во одредена област, што овозможува ран почеток на следењето на детето и се дава потребната поддршка за да напредува.
МОН ќе продолжи и во иднина со креирање на нови и унапредување на постојните политики за поддршка на талентираните ученици, со цел овозможување на целосно остварување на нивниот потенцијал и секако стимулација за вложување на сопствените знаења и способности во развојот на Република Северна Македонија“, стои во одговорот на МОН.
Р.З.