Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета дека тоа што протоколот се уште не е објавен и не се знае што тој содржи говори за, како што рече, тоа дека власта повторно на шверцерски начин да го протурка францускиот предлог.

-Протоколот се уште не е на дневен ред, ниту пак некој знае што се вклучува тој протокол кој што е суштински документ. Сето останато е парада и, би рекол, одреден вид атракција и забава за тие коишто ова го поддржуваат. Суштината е протоколот. Протоколот ниту е доставен, ниту пак мислам дека ќе го достават, затоа што планираат на шверцерски начин да го протнат сето ова, како што впрочем така прават изминативе пет години – рече Мицкоски во изјава на вечерашниот протест против францускиот предлог.

Според него, нема логика во тврдењата дека протоколот прво треба да биде потпишан, па потоа да се објави неговата содржина.

– Тоа е исто како јас сега да дојдам во вашиот дом да ви ставам лист хартија и да ви речам потпишете го овој документ кој одлучува за иднината на вашето семејство без да го прочитате. И вие ќе ми речете нема да го потпишам затоа што не знам што пишува во него. Јас велам не се секирајте добар е за вашата иднина, верувајте му треба да го потпишете. Дали вие ќе го потпишете? Еве дајте ми мене одговор, дали ќе го потпишете – вели Мицкоски.

Во врска со обраќањето на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен пред пратениците, тој истакна дека секој гостин што ќе дојде од надвор е добредојден, но, оти се надева дека таа ќе ги слушне мислењата и на пратениците кои доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ кои, како што рече, се од нејзина сестринска партија.

-Таа ќе остане малку повеќе. Нема само да остане да се обрати, туку ќе остане повеќе да ги слушне и нашите аргументи, затоа што тоа е суштината. Секој е добредојден. Сакаме да слушнеме што мислат, но сакаме и да не слушнат што мислиме. Тоа е демократијата и тоа се вистинските европски вредности. И конечно за документот за коишто вие зборувате тоа е еднострана хартија која служи за задоволување на фрустрацијата на СДСМ и на ДУИ. Тоа е во суштината. Инаку тој документ нема буквално никакво значење бидејќи само со 41 пратеник формално може да се усвои. Тоа е суштината, ништо друго – истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.