Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска изјави дека работната група за уставни измени по празниците ќе се состане и ќе ги формулира предлозите, по што за нив ќе се отвори јавна дискусија.
-Jа користиме комплетната временска рамка што ја имаме и поаѓаме од една претпоставка дека сите ќе се постават одговорно и на ниво на задачата и државнички во овој процес. Министерството за правда ги покани и партиите и експертите да номинираат свои претставници. Најголем дел го сторија тоа. Веднаш по празниците ќе има состанување и формулација на предлозите за уставни измени. По таа формулација очекуваме да има и јавна дискусија и потоа да се влезе во Собранието – изјави вицепремиерот Бојан Маричиќ во интервју за Студио 10 на ТВ 24.
Маричиќ, како што рече, претпоставува дека впечатокот на јавноста оти процесот се „тера на мускули“ е дека дел од јавноста се надевала оти оваа обврска ќе исчезне или ќе се реализира подоцна. Ние не сакаме да губиме време, вели вицепремиерот, веќе сме ги почнале преговорите, скринингот тече.
-Досегашното искуство ни вели дека вакви обврски низ годините, низ времето, ако ги оставаме стануваат потешки не стануваат полесни. Притоа мора да имаме предвид дека оваа година е клучна за решавање на одредено прашања во регионот.
-Затоа има притисок и за решавање на проблемот со Косово и состојбата во Црна Гора. Следната година е изборна и во ЕУ и ќе им треба шест месеци за распоредување на новите европски институции – истакна Маричиќ.
Според него, односот на ЕУ кон Украина исто така создава едно чувство на итност дека треба да се решат овие прашања побргу.
-Затоа во работната група треба да се разговара како рационално и најразумно да ги предложиме уставните измени за којшто можеме да добиеме пакет од 80 пратеници – вели Маричиќ.
Прашан дали е тоа сега возможно, вицеппремиерот вели дека доколку се држиме фокусирани на она што ни се обврски од преговарачката рамка и она што ни е обврска од францускиот предлог мислам дека можеме. Знам дека ќе се отвораат и други прашања сигурно бидејќи политичките партии тоа го најавија и легитимно е да се отвораат. Секоја партија има право да отвори прашања, кога се отвара крупа работа како Уставот, но сметам дека најдобро би било ако тие прашања ги оставиме да ги решаваме во некоја подоцнежна фаза, а сега се фокусираме како да добиеме 80 пратеници за додавање во Преамбулата на делови од цногорскиот, хрватскиот и бугарскиот народ, рече Маричиќ.
Изразува жалење што ВМРО-ДПМНЕ ја пропушта можноста да учествува во ваков клучен процес, како што го пропуштија влезот во НАТО.
-Овие уставни измени се во преговарачката рамка и мора да се спроведат. ВМРО-ДПМНЕ неколку пати го смени ставот. Прво бараше гаранции, а сега се крие зад хрватскиот уставен модел. Излегува дека не се проблем Бугарите туку статусот на заедниците кај нас. Излегува дека тие сакаат повеќе да ја свртат дебатата кон тоа дали се малцинства или делови од народи – вели Маричиќ.
Според Маричиќ, со додавање на други заедници во Уставот нема да се наруши унитарноста на Македонија како држава.
Во интервјуто Маричиќ рече дека ако не поминат уставните измени во Собранието ќе имаме блокада на преговорите кои се де факто и де јуре започнати. Кога има спорови тие мора да се решат, вели Маричиќ споменувајќи го спорот меѓу Хрватска и Словенија за време на хрватските преговори за влез во ЕУ.
-Ќе има многу други работи кои ќе треба да ги смениме а не се поврзани со идентитетот и слично, а кои ќе бидат болни и тешки, но не од овој аспект. Каква и да биде цената што ќе ја платиме тоа не да биде платено со идентитетот и јазикот, вели Маричиќ кој додава дека со влегувањето во ЕУ ние ќе имаме многу големи финансиски придобивки како држава.