Настани, симболи, алузии
Иако гласањето за извештајот е одложено за наредните неколку дена, без оглед какви ќе бидат конечниот епилог и составот на текстот, случувањата во Комитетот зa надворешна политика cе мала, но значајна победа на македонската политичко-дипломатска репрезентација на теренот во Брисел. Може да се менува, но не може лесно, нема гума што може да го избрише она што е ставено на официјална хартија, во текст што веќе еднаш е јавно обелоденет. Овој пат таксативно се ставени за првпат како тема идентитетот на Македонците и македонскиот јазик!
Мал чекор за Европа, голем за Република Македонија (сега Северна). Со тие зборови може да се оцени дебатата околу предлог-извештајот за нашата земја за 2024 година поднесен од Томас Вајц, австриски известувач на Европската Унија за Македонија. По многу години македонското прашање ги растресе клупите на Советот на Европа. Не ја растресе совеста на бриселските бирократи, но ги вклучи рефлекторите кон Македонија за да се гледа на неа во малку поинакво светло. За првпат, да веруваме дека не и за последен.
Иако гласањето за извештајот е одложено за наредните неколку дена, без оглед какви ќе бидат конечниот епилог и составот на текстот, случувањата во Комитетот зa надворешна политика cе мала, но значајна победа на македонската политичко-дипломатска репрезентација на теренот во Брисел.
Може да се менува, но не може лесно, нема гума што може да го избрише она што е ставено на официјална хартија, во текст што веќе еднаш е јавно обелоденет. Овој пат таксативно се ставени за првпат како тема идентитетот на Македонците и македонскиот јазик! Еве пример како еден ирационален билатерален проблем што на Македонија ѝ го наметнува Бугарија може да се претвори во тежок бумеранг. За првпат индиректно и директно, и покрај бугарските противења, се потврдува важноста на недвосмисленото признавање и почитување на македонскиот јазик и идентитет како историски континуитет, како составен дел од наследството на земјата, уставниот поредок, но и од европските вредности.
Се потврдува дека почитувањето на јазичниот, културниот и националниот идентитет е фундаментална компонента на процесот на пристапување во ЕУ и камен-темелник на демократските општества и семејството на европските нации. Она од што други состави се плашеа да го споменат во десетици поранешни годишни извештаи, сегашните европарламентарци, по упорното македонско лобирање, го посочуваат како неизбежно признание и историски факт.
Несомнено дека овој отворен процес со македонското прашање може да се искористи како шанса за поместување од мртвата точка во спорот меѓу Македонија и Бугарија и како можност за движење кон негово дефинитивно надминување. Делови од извештајот, всушност, се повик за дијалог меѓу страните во спорот. На таков пристап повика и Марта Кос, инсистирајќи дека двете земји мора да разговараат.
– Се согласувам дека сите ние мора да се грижиме за помирувањето и добрососедските односи, не само С. Македонија, не само Бугарија, туку сите ние. Но тоа не е можно без да разговараме едни со други – рече Марта Кос, претставничка на ЕУ задолжена за проширувањето.
Неспорно е дека македонската влада се залага, дури и бара таков дијалог со Бугарија, се разбира со одредени (пред)услови карактеристични за секое преговарање. Исто така, генерално, не е против запишувањето на Бугарите во Уставот, но не по секоја цена. Дури и тврдите и недипломатски изјави на македонскиот премиер за непопуштање, мудрите дипломати би ги ценеле како отворена желба, како фрлена ракавица тој дијалог да се отвори, толку колку што може поотворено и побрзо.
Не треба да се заборави дека Собранието на Република Македонија уште во првите месеци од осамостојувањето усвои декларација во која зачленувањето во Европската економска заедница (тогаш така се именуваше ЕУ) беше определено како стратешка цел на државата. Тој процес се движел цикцак, но никогаш не запрел, барем формално. Новата влада што ја предводи Христијан Мицкоски го потврдува тој пат, наративно, генерално, реформски и во деловите што не задираат во македонското национално прашање. До тие скалила речиси ништо друго не е спорно, освен прашањето за историјата, идентитетот и јазикот на Македонците. Спорно е од бугарска, не од македонска страна.
Прелистувањето на историјатот од почетните години на независноста ќе ни покаже дека никој, речиси никој, не претпоставуваше (или не кажуваше) дека покрај деценискиот проблем со Грција за името, можно е на патот кон ЕУ поголем проблем да прави Бугарија, која беше сметана за блиска и пријателска земја, плус и близок народ. Бугарскиот пресврт се случи под чудни, безмалку парадоксални околности.
Токму од денот кога беше потпишан Договорот за пријателство, соработка и добрососедство на 1 август 2017 година почнаа непријателствата. Имено, од една релативно пристојна добрососедска позиција, Бугарија почна да манифестира нова агресивна непријателска политика заснована на старите средновековни царски апетити и на наследството од нивниот трагичен комунизам од времето на антиевропеецот Тодор Живков. Сега пеат стари ноти со нови аранжмани и погласни изведувачи. И наместо градење ново пријателство, завладеаја антагонизми, недоразбирања, ултиматуми, наместо добрососедство, се појавија нови проблеми.
Антимакедонската позиција, освен државните органи во Софија, ја манифестираат и бугарските европратеници, на кои не им се туѓи страста, подметнувањата и вербалните искривувања на фактите. Дебатата што ја водат овие денови, барањата за измени или за бришење ставови од предложениот извештај го покажуваат вистинското лице на негаторската политика за автентичноста на идентитетот на македонскиот народ и на неговиот јазик. Таа вистина ниту може да ја прифатат ниту да ја проголтаат. Во прилог на нивниот ригиден став оди и жестоката критика што ја упатуваат кон Марта Кос, иако министерката во најдобра намера предложи некаков спој, некаков позитивен контакт. Простата логика вели дека ако може да преговараат Русија и Украина, кои се во жестока војна, зошто не би разговарале власите во Скопје и Софија, кои, барем засега, се задржани само на војната со спротивставена размена на зборови.
Како што се гледа, Бугарите одбиваат каков било нов дијалог, зближување, а најмалку преиспитување на односите. Кон Македонија изградија нов берлински ѕид на Балканскиот Полуостров. Таквиот непоколеблив став, сакале-нејќеле, ги издава бугарските политичари дека за нив стратешка цел е никаде да не се споменува, ако веќе не може да се избрише, македонскиот јазик и неговото писмо. Сето друго, сите нивни предлози, фингирани насмевки или груби закани се само убава фасада зад која ја кријат главната цел.
Како што се движат работите, не би било изненадување доколку во Бугарија, особено во научните кругови, почне да се наметнува предлогот наместо фразата „заедничка историја“ да се повикуваат на „иста историја“. И во самата Македонија ретко кој може да негира дека македонскиот народ имал многу допирни историски, револуционерни и културно-просветни и црковни периоди на блискост со бугарскиот, но таквата испреплетеност никому не му дава за право за конечна пресуда.
Иако е забавено, но не е заборавено дека колку што бугарската политика го носи товарот на вината за ваквите односи, ништо помалку не е и оној на македонската страна. Сѐ почна, а ништо не се заврши со анационалната тројка што беше на власт во Македонија – Зоран Заев, Димитар Ковачевски, Бујар Османи и политичките гангстерски кариеристички комерцијалисти околу нив од редовите на СДСМ и ДУИ. Апсурдот сега излегува на видело. Идентитетот и јазикот, за што сите тројца тврдеа дека не се разговара, во европскиот парламент деновиве се главна тема на дискусија. Тоа бил конецот што требало да се скине, а никој да не види. Прашање е кому и зошто покрај каков-таков договор му биле потребни двата протокола, низ чие спроведување македонскиот народ ќе се претвори во политичко и управувачко малцинство во сопствената држава во која е доминантна национална заедница.
Значи, она што антимакедонскиот комарџиски трилинг го криеше, го објави Австриецот Томас Вајц, и тоа среде европските тврдини.
Ние, (јас, ти, тој, некој) може да не го симпатизираме Мицкоски лично или по лика, може да не се согласуваме со неговата генерална, особено економска, политика, може да му наоѓаме триста мани и да го критикуваме оправдано за манифестираната ароганција. Но не можеме да му ја оспориме, уште помалку да му ги осудуваме, желбата и напорот што ги вложува да се исправи еден историски направен погрешен чекор на претходната влада, на Заев и неговата клика посебно. Обидите да се спаси она што може да се спаси, ако воопшто може да се спаси, за некого личат на донкихотско војување со ветерници, но знајна е реченицата дека ништо не можеш да постигнеш ако не се обидеш да постигнеш.