Судскиот дел за екстрадицијата на Љупчо Палевски Палчо во Турција е завршен, останува само административниот дел, изјави министерот за правда Кренар Лога.
Палевски е во екстрацидионен притвор во Турција. Тој е осомничен за убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски.
Во изјава за медиуми по отворањето на денешната меѓународна конференција по повод 60 години Уставен суд, министерот Лога рече дека според зборовите на неговиот колега од Турција, очекува дека екстрадицијата би била за брзо време.
-Ни дадоа некој рок, како и да е, јас не сакам да кажувам такви детали, бидејќи таа работа зависи од нив, не од нас- рече министерот.
Лога минатиот месец беше во посета на Турција и за време на посетата зборуваше со своите домаќини за екстрадицијата на Палевски.
Во однос на прашањето дали е побарано нешто дополнително од нашата држава за тој случај, тој одговори дека нема друга комуникација.
Љупчо Палевски Палчо повеќе од три месеци е во екстрадационен затвор во Турција. Тој е првоосомничен во истрагата за грабнување и убиство на свиреп начин на малолетната Вања и на Панче Жежовски. Нивните тела беа пронајдени во ист ден, на 3 декември лани. Палевски беше уапсен неколку денови подоцна во Турција.