НЕДОУМИЦИ, ДИЛЕМИ И СОМНЕВАЊА ОКОЛУ ИНСТИТУТОТ „СПОГОДУВАЊЕ ЗА ВИНА“
Механизмот „спогодување за вина“, што во овдешната кривична постапка беше воведен со Законот за кривична постапка од 2010 година, личи на спогодувањето што се применува во други држави, но, како што потенцираат упатените, не е целосно ист. Зошто е тоа така и дали таквиот правен механизам ја задоволува правдата?
Иако нема систематизирани податоци за тоа колку и под кои услови, судските предмети за тешки кривични дела, особено на највисокото ниво, завршуваат со некакви спогодби, во јавноста постои впечаток дека тие се сѐ повеќебројни, а истото мислење го делат и некои од владините претставници. Па, така, дури и заменичката на претседателот на Владата задолжена за креирање политики за добро владеење, Славица Грковска, веќе во неколку пригоди изјави дека „ја споделува загриженоста на јавноста за тоа како во изминатите неколку месеци се (зло)употребуваше институтот спогодување за вина“.
– Ги следев реакциите во јавноста и ја споделувам загриженоста за тоа како во изминатите неколку месеци се (зло)употребуваше институтот „спогодување за вина“. Без оглед за кого станува збор, законите треба да важат за сите еднакво. Не можам да прифатам независноста на институциите да биде параван за самоволие. Независноста на институциите би требало да биде уште поголем товар за одговорност. А особено кога станува збор за вакви чувствителни институции – потенцира Грковска, која смета дека правосудните органи и судството се меѓу првите што од страна на граѓаните се препознаени како институции во кои тие немаат доверба и за кои се смета дека има голема корупција.
Инаку, Грковска пред извесно време јавно го отвори прашањето за употребата на институтот „спогодување“, кој во овдешното законодавство, како што кажа, е имплементиран по препорака на Советот на Европа.
Притоа, во пошироката јавна дискусија беше констатирано дека не може да се каже дека од досегашната примена сите искуства се негативни, но беше посочено дека општата перцепција е дека има одредени злоупотреби.
А откако на поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков, а претходно и на бизнисменот Орце Камчев им беа намалени затворските казни, дури и министерот за правда Никола Тупанчески изјави дека при примената на овој механизам треба да се внимава на евентуалната злоупотреба. Притоа, тој најави дека сите забелешки во однос на овие два, но и на сите други случаи, ќе бидат земени предвид од страна на работната група, која во Министерството за правда веќе работи на измени на Законот за кривична постапка.
– Во принцип, јас конкретни пресуди не коментирам, меѓутоа можам да зборувам за состојбите. Спогодувањето на вина претставува елемент или сегмент од прецедентното право којшто е пресликан во нашиот правен систем, посебно во Законот за кривична постапка. Идејата беше добра, во насока на тоа дека доколку постојат под одредени услови коишто се строго определени, заради економичност на постапката да се примени тој институт. Не можам да кажам дека имаме резултати на тој план. Дали имаме злоупотреба на институтот „спогодување на вина“ е прашање за кое можеби треба да се дискутира и тоа е различен дискурс. Секогаш потенцирам дека казната мора да биде индивидуализирана и да биде во пропорција со неправото што претходно било извршено, со квалитетот на неправо и она што се нарекува инкриминација. Без таква пропорција, ние не сме ја постигнале целта – објасни Тупанчески.
Во меѓувреме, стручните лица веќе го разгледуваа овој проблем и ги изнесоа своите видувања.
– Со воведувањето на постапката за спогодување помеѓу јавниот обвинител, од една страна, и обвинетиот и неговиот бранител, од друга страна, во системот на казнена правда во Република Македонија се направи едно тектонско поместување на основните принципи на мешаната казнена постапка во корист на традиционалните институти на акузаторната казнена постапка, пред сè, прифаќајќи го, можеби, едно од најефикасните „оружја“ за зголемување на ефикасноста во постапувањето од страна на органите на прогонот. Со воведувањето на оваа постапка, се чини дека некои досегашни традиционално неменливи институти од кривичната постапка како што се, на пример, признанието и неговата доказна вредност, добиваат нов квалитет и карактеристики. Токму поради ова сметаме дека, според одредбите од Законот за кривична постапка, товарот на докажувањето и доказната вредност на признанието имаат зголемена вредност во однос на другите докази. Но, од друга страна, и покрај фактот дека постапката за спогодување и даденото признание од страна на обвинетиот претставуваат ефикасна алатка на јавниот обвинител за постигнување и исполнување на неговите работни обврски, тие сепак даваат и дополнителен товар на неговата работа. Односно, во услови на модификација и скратување на главната расправа, кога е дадено признание од страна на обвинетиот, токму главниот товар во поглед на правдата и правичноста на кривичната постапка го носи јавниот обвинител. Затоа што, во овие случаи, целата постапка се базира врз основа на професионалноста и етичноста што ги покажал јавниот обвинител во текот на истрагата. Токму затоа се надеваме дека практиката на примената на овие нови институти од новиот закон нема да претставува „камен на сопнување“ на патот на остварувањето на правдата, туку ќе послужи за остварување на единствената цел за која се предвидени, односно за зголемување на ефикасноста и правичноста на системот на казнена правда – оценија во нивниот заеднички труд „Новите европски тенденции за признанието на обвинетиот во постапката за спогодување низ одредбите од Законот за кривичната постапка на Република Македонија“ доцентите од Правниот факултет Бобан Мисоски и Дивна Илиќ Димоски.
Инаку, спогодувањето, кое во овдешната кривична постапка беше воведно со Законот за кривична постапка од 2010 година, личи на спогодувањето што се применува во други држави, но, како што потенцираат упатените, не е целосно исто. Со овој институт, странките, односно јавниот обвинител и осомничениот или обвинетиот и неговиот бранител се договараат за видот и висината на кривичната санкција за разлика од други системи, каде што може да се спогодува и за правната квалификација на битието од преземените казниви дејства и за видот и висината кривичната санкција. Иако договарањето, спогодбата, во овдешниот казнен систем се однесува на видот и висината на кривичната санкција, сепак, од повеќето одредби од законот, според упатените, може да се заклучи дека во основа предуслов за спогодувањето е осомничениот да ја признае вината. Тие укажуваат дека постојат разлики во можностите за давање изјава за признавање вина, односно за давање признание во различни стадиуми од постапувањето по завршување на истражната постапка, како и голем број „недоследности“.
Токму затоа, тие потсетуваат оти главната максима на правдата е таа да не биде само изречена, туку да биде видлива, да биде препознаена од широката јавност и потенцираат дека одлуките мора да бидат добро образложени, зашто, во спротивно, го уриваат интегритетот на правосудниот систем, не само на судството.
Освен на нужноста од поголема транспарентност при носењето на ваквите одлуки, тие укажуваат и на потребата спогодбите да не се применуваат при тешки кривични дела. Д.М.М.