Собранието ја продолжи расправата за Информацијата за содржината на Предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори со Европската Унија, предложена од страна на француското Претседателство со Советот. Премиерот Димитар Ковачевски во Собранието се појави со книгата „Миротворци“ од покојниот дипломат Џејмс Пердју кој беше еден од посредниците за завршување на војната во Југославија и еден од седумте потписници на Охридскиот рамковен договор во август 2001 година.
„Миротворци“ е видување на Пердју за војната во поранешна Југославија и склучувањето на Дејтонскиот мировен договор.
Денеска е трет ден од расправата, а изминатите два дена се одвиваше во тензична атмосфера. Опозицијата за време на обраќањата на пратениците од владејачкото мнозинство правеше врева, а имаше и вербални конфликти и меѓусебни обвинувања меѓу пратениците од власта и опозицијата.
Според списокот на пријавени пратеници, останати се уште тројца кои имаат право на збор, по што Собранието ќе треба да одлучува по Информацијата за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Македонија со ЕУ.
Расправата може да се следи и на собранискиот Јутјуб-канал
Денешната пленарна седница во Собранието, ја следи и шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир.