Влијае ли бројот на членови во управувачките одбори на ефикасноста во спроведувањето на политиките кај правните лица
Дали бројот на членови во управните одбори во приватните компании се разликува од оној во јавните претпријатија или кај банките и колку тој влијае на успешноста на работењето? Имено, додека со банките, кои во изминативе години се покажаа како најотпорни на повеќеслојната криза, управуваат по најмногу пет луѓе што успешно менаџираат со стратегиските предизвици, нивната визија и мисија, во управните одбори на претпријатијата што се под капа на државните и на локалните власти членуваат многу повеќе луѓе, па, сепак, успешното менаџирање во голема мера таму изостанува, а тие често пријавуваат загуби. Во тој контекст се поставува прашањето дали бројот на членовите во управувачките органи влијае на успешно или на неуспешно менаџирање со еден правен субјект
Загубите што со години ги генерираа јавните претпријатија во земјава, меѓу другото, беа објаснувани и со лошото управување на претерано големиот број членови на управните одбори и со висината на нивните надоместоци. Но економската и енергетската криза, предизвикани прво од пандемијата на коронавирусот, а потоа и од војната во Украина, го потиснаа во втор план најавеното решавање на овој проблем, така што раководителите на повеќето јавни претпријатија ја искористија можноста да се заканат со банкрот и отпуштања на вработените доколку не им биде дадена помош за преживување. Во меѓувреме, токму во насока на скратување на трошоците, Владата најави и ги донесе законските измени за ограничување на бројот на членовите на управните одбори во јавните претпријатија. Но според информациите достапни на нивните веб-страници, во повеќето случаи тоа не се спроведува, така што и понатаму, во некои од нив, и покрај тешката финансиска состојба, сѐ уште има и по над 15 члена во управните одбори. А за колкави бројки станува збор, доволно е да се каже оти во најголемите банки во земјава, кои и во текот на кризава остваруваат извонредни резултати, има по најмногу пет члена во управните одбори. Така, на пример, од нивните веб-страниците може да се види оти Комерцијална банка има пет, а Стопанска банка и НЛБ по четири члена во управните одбори.
За споредба, „Водостопанство на РСМ“ пријави шест члена во управниот одбор, скопското „Паркови и зеленило“ – 13, ЈСП „Скопје“ – 17, ЈП „Комуналец“ – Прилеп – девет…
А за потсетување, пред неколку месеци, токму заради поефикасно управување и намалување на трошоците беа донесени измени во Законот за јавни претпријатија, со кои бројот на членови во управните одбори на јавните претпријатија основани од Владата, Град Скопје, и на општините во кои живеат над 50.000 жители, од претходните 15, па и повеќе се намалува на седум члена, додека во управните одбори на јавните претпријатија основани од општините со помалку од 50.000 жители, нивниот број се ограничува на пет.
Освен тоа, со овој закон е ограничен и бројот на членови во надзорни одбори, регулирани се висините на нивните надоместоци и допрецизирани се услови за нивното назначување и разрешување.
– Целта на овие измени на Законот за јавните претпријатија е да се воспостави мерит-процедура за селекција и назначување членови во управните и во надзорните одбори во јавните претпријатија. Дополнително, законот пропишува и услови за разрешување на членовите во управните и надзорните одбор на јавните претпријатија, ги зајакнува критериумите за членови во управни и надзорни одбори, го намалува бројот на членови во управни и надзорни одбори, како и утврдува профил на лица што можат да бидат членови во управни и во надзорни одбори – се вели во образложението на законските измени.
Со оглед на ограничениот пристап до информациите што се однесуваат до моменталната состојба во управните одбори на јавните претпријатија и немањето целосен преглед, на граѓаните им останува заклучоците за тоа колку законот се спроведува да ги донесуваат врз основа на тврдењата произлезени од дневнополитичките расправии помеѓу партиите.
Експертите и невладините организација по потреба ги анализираат и коментираат овие состојби, но без оглед за чии потреби тоа го прават, во принцип тие се согласни дека неефикасноста и предимензионираниот број на членови и во управните и во надзорните одбори во јавниот сектор, произлегуваат од нестручноста и незаинтересираноста на кадрите назначени од страна на политичките партии.
– Управните одбори ја одредуваат насоката на претпријатието, додека, пак, надзорните одбори треба да ја контролираат законитоста во работењето. Оттука и потребата лицата во управните одбори да бидат искусни во делокругот на работата на претпријатието, а оние во надзорните да имаат соодветно искуство во материјалното и финансиско раководење. Но консултациите со неколку јавни претпријатија покажуваат дека раководствата на претпријатијата одлучуваат формално, бидејќи или немаат знаење да ги проверуваат извештаите и состојбите во претпријатието или, пак, се водат од тоа што е дадено како налог од основачот – се констатира во едно од истражувањата.
Инаку, според последните достапни информации, во земјава има 149 јавни прeтпријатија на локално и на централно ниво од различни сектори. Во сите јавни претпријатија, според податоците од Министерството за информатичко општество, во 2021 година работеле 18.146 вработени, а според податоците од асоцијацијата на комунални претпријатија АДКОМ, само во комуналните претпријатија работеле 15.000 луѓе. Д.М.М.