Ќе се создаде ли правен вакуум во раководењето со безбедносната Оперативно-техничка агенција (ОТА)?
Директорот на Оперативно-техничката агенција, кому му истекува мандатот, само пред неколку дена предупреди дека доколку ОТА остане без директор, тоа ќе создаде правен вакуум во раководењето со институцијата
Дали од денеска, 7 септември 2023, Оперативно-техничката агенција (ОТА), една од клучните институционални алки во безбедносно-контраразузнавачкиот систем влегува во своевиден правен вакуум во управувачка смисла на институцијата, што е директно поврзано и со функционирањето на цела верига во националниот безбедносен систем?! Имено, денеска истекува петгодишниот мандат на директорот на оваа агенција Зоран Ангеловски, а Собранието само пред два дена, со 83 гласа „за“, ја донесе одлуката за распишување оглас за избор на нов директор, кој веќе треба да е објавен во „Службен весник“. Рокот за пријавување на огласот е 10 дена.
Директорот кому денеска му истекува мандатот, пред неколку дена лично предупреди и алармира дека доколку ОТА остане без директор, тоа ќе создаде правен вакуум во раководењето со институцијата.
– Во Законот за Оперативно-техничка агенција („Службен весник на Република Македонија“ број 71/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 98/19), иако се уредени повеќе прашања поврзани со надлежностите и раководењето на ОТА, не е уредено прашањето за раководењето на институцијата по истекот на времетраењето на мандатот на директорот од пет години, во случај кога на денот на истекот на мандатот сè уште не е завршена постапката за избор на нов директор, односно важечкиот закон не предвидува можност во тој случај кога истата таа е без легитимно избран директор со важечки мандат од страна на Собранието на РСМ, со институцијата да раководи друго лице (в.д. директор, заменик-директор, совет и слично), а со тоа ниту да се даваат овластувања за спроведување на законските надлежности на ОТА што произлегуваат од директорот како единствено надлежно раководно лице – изјави Зоран Ангеловски.
Оперативно-техничката агенција (ОТА) како самостоен и независен државен орган беше формирана по реформите во безбедносно-разузнавачкиот сектор, односно поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), по скандалот со масовното прислушување и Извештајот на експертската група на Европската комисија (ЕК) на чело со Рајнхард Прибе. Со серија законски измени што ги уредуваа овие прашања и за кои беше потребно двотретинско мнозинство, УБК доби свој наследник во Агенцијата за национална безбедност (АНБ), која задржа (голем) дел од надлежностите, додека ингеренциите врз опремата и уредите за прислушување преминаа во ОТА.
И од Делегацијата на ЕУ побараа властите да обезбедат континуитет во работењето на ОТА.
Проблемот не е нерешлив, но инертноста на другите државни органи, поврзани со процедурата на именување и назначување, уште еднаш доаѓа до израз исфрлајќи на површина низа клучни индикатори за дисфункционалноста на државните институции, токму во моменти на сериозна политичка, економска, социјална, па и безбедносна фрагилност. Ј.П.